„Не ме дефинираат коментарите, туку медалите“ – Даниела Алексоска, европска шампионка во боречки вештини

Во спортовите во кои се раѓаат најголемите шампиони, предрасудите понекогаш знаат да бидат потешки од било кој противник. Особено ако сте девојка и избирате боречки вештини – област што многумина уште погрешно ја сметаат „несоодветна“. Но, европската шампионка Даниела Алексоска одамна научила дека истрајноста и трудот победуваат многу погласно од туѓите коментари. ARMADA ја следи нејзината приказна – приказна за упорност, дисциплина и надминување на предрасуди.

„Желбата за успеси е поголема од туѓите зборови“
„Постојано се среќавам со предрасуди за спортот кој го тренирам, но желбата за натпревари и успех е поголема од нивните коментари“, вели Алексоска.
На социјалните мрежи често слушала дека боречките вештини „не се за девојки“, дека треба да се занимава со нешто „попристојно“ или „побезбедно“.
Но сето тоа го игнорирала. „Секој има право да се занимава со што сака. Ако ги слушаме коментарите на другите, никогаш нема да направиме нешто што вистински нè исполнува“, додава таа.

А таа галама полека стивнува како што Даниела расте како натпреварувач. Зад себе има над сто медали, од кои деведесетина златни во бразилско џиу-џитсу и џудо. Последните две години е целосно посветена на ММА и веќе се пробива кон професионалните борби.
Дваесет години традиција – клубот како дом
Клубот во кој тренира постои скоро две децении, а токму таму се заљубила во боречките вештини. „Првиот момент кога стапнав во салата знаев дека тоа е тоа. А кога ги гледав дечките како се натпреваруваат, добив уште поголема мотивација и јас да пробам.“
И така почнала нејзината тринаесетгодишна борбена приказна.

Поддршка од семејството – критики од околината
Нејзиниот татко е тренер, а мајка ѝ редовно вежба со неа. „Од нив никогаш немав пречки“, вели Алексоска. Пријателите исто така се навикнати на нејзиниот ритам: тренинзи, спаринзи, натпревари… малку време за дружење.
Но, постарите членови на семејството понекогаш знаат да се загрижат: „Некогаш бабите и дедовците се бунат – ‘немој ќе ти искршат рака’, ‘што ти треба ова’. Но тоа е нормално. Страв, не предрасуда.“
„Успехот ја намалува бучавата“.
Како што доаѓаат успесите, негативните коментари исчезнуваат. „Кога ќе покажеш дека знаеш, дека можеш – тогаш веќе не е важно дали си девојка или момче. Важен е трудот.“


Инспирирани од кампањата „Направи Место“ на Македонски Телеком, ги надминуваме предрасудите и ги рушиме бариерите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни