„Не го даваме Генералштабот“: Масовен протест во Белград

Со паролата „Не го даваме Генералштабот“, денеска во центарот на Белград се одржа масовен протест на кој присуствуваа илјадници студенти, архитекти и граѓани.

Настанот, организиран под мотото „Ние сме жив ѕид“, имаше за цел да го спречи планираното уривање на комплексот на Генералштабот – еден од најпрепознатливите симболи на белградската архитектура.

Присутните порачаа дека нема „мирно да го гледаат уништувањето на сопственото културно наследство“ и побараа итно укинување на lex specialis, кој овозможува интервенции врз просторот на Генералштабот, како и повторно враќање на статусот на културно добро на овој објект.

Архитектонско наследство со историско значење

Конзерваторката Естела Радоњиќ Живков од Републичкиот завод за заштита на спомениците изјави дека Генералштабот е „ремек-дело на југословенската модерна архитектура“, создадено како споменик на борбата против фашизмот и на хероизмот од битката на Сутјеска.

„Овој објект трипати беше погоден за време на НАТО-бомбардирањето и денес е симбол на страдањето на Србија,“ изјави таа. „Сега стана и симбол на отпорот кон уништувањето на културното наследство. Граѓаните, стручната јавност и меѓународните организации јасно порачуваат дека нема да дозволат на тоа место да се гради хотел и казино на семејството на Џеред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.“

„Жив ѕид“ како предупредување до властите

Организаторите нагласија дека протестот е „прво предупредување“ до властите и дека нема да запрат со активностите доколку продолжи планот за уривање. Како симболичен чин, учесниците формираа жив ѕид околу објектот и повлекоа црвена линија на асфалтот – како знак дека границата на толеранција е помината.

Поддршка за штрајкувачите со глад

Неколку стотици метри подолу, на булеварот Кнез Милош, и денеска продолжи штрајкот со глад на Дијана Хрка, која протестира против институционалната неактивност. Таа одби покана за средба со претседателот Александар Вучиќ, нагласувајќи дека „тој не е надлежен за прашањата што таа ги поставува“.

Протестот заврши мирно, со порака дека „Генералштабот не е само зграда, туку сведоштво за историјата и идентитетот на Белград“.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни