„Не ги убивајте уште еднаш нашите деца“ – родителите на загинатите од „Пулс“ со јавен повик за објаснување на обвинението

Почитувани обвинители, ако не сте способни, ако стравот ви е поголем од правдата – отстапете го случајот на некој што ќе работи чесно, велат родителите

Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи, вчера излегоа на уште еден марш во Кочани, барајќи правда за 62-та жртви кои загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

На деветтиот по ред „Марш за Ангелите“ вчера од Кочани, тие упатија јавен апел до Јавното обвинителство – конечно и директно да ги информира за тоа кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката.

„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле“, рече вчера Марија Петрушева, мајката на загинатиот Андреј Панов.

Присутните на протестот соопштија дека утре, понеделник, ќе поднесат писмено барање до Јавното обвинителство, со кое ќе побараат лично, лице в лице, да бидат запознаени со исходот од истражната постапка и со точната содржина на обвинителниот акт.

Во нивното барање стои: „Сметаме дека е од суштинско значење обвинителството конечно и целосно да нè запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт – кои физички и правни лица се опфатени, против кои лица се води постапката, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас.“

Во јавен повик кој беше доставен до Обвинителството, Владата, медиумите и јавноста, родителите директно ги обвинија институциите за молк, бавно постапување, прикривање на клучни докази и селективен пристап. „Ова не е обичен апел. Ова е повик од дното на нашата болка и достоинство. Од срцата на родители кои ги изгубија своите деца, од гласот на оние што ја живеат најстрашната верзија на македонската реалност: држава без правда, систем без морал и институции без совест“, стои во писмото.

Родителите и роднините бараат и јавно презентирање на сите видео-докази од таа вечер, како и вклучување на независни меѓународни набљудувачи и истражители во случајот.

Семејствата, во отвореното писмо се обратија и до обвинителите.

„Почитувани обвинители, ако не сте способни, ако стравот ви е поголем од правдата – отстапете го случајот на некој што ќе работи чесно. Ние не се плашиме. Ние веќе го изгубивме најскапоценото – нашите деца. Ништо не може да нè заплаши повеќе. Ние, родителите, сме подготвени да го дадеме сѐ – пасошите, куќите, колите, животите, само да ја видиме правдата исполнета. Но ни тоа нема да ги врати. Единствено што останува е барањето: вистина, отчет и одговорност“, се наведува во писмото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни