Не е „немил настан“ – убиство е, Институтот Ромалитико реагира за фемицидот во Шуто Оризари

Оттаму, додаваат дека дополнително е загрижувачки што државата, покрај тоа што не ја реализира соодветно превенцијата и заштитата на жртвите од родово базирано и семејно насилство, истовремено не обезбедува ниту ефективен и одржлив систем за нивна поддршка и реинтеграција.


Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико преку соопштение регари на последниот случај на фемицид во ромската заедница во Шуто Оризари.

Жена, припадник на една од најмаргинализираните заедници во државата, беше убиена, додека системот кој треба да штити – молчеше или потфрли. Овој случај не е „немил настан“ ниту „трагедија“, како што дел од медиумите го прикажаа. Тоа е убиство на жена – фемицид, најтешка форма на родово базирано насилство.

Случајот од Шуто Оризари не е изолиран. Во последните години сведочиме на серија фемициди
каде жртвите претходно повеќепати пријавувале насилство – како во Кочани, Куманово и други
градови. Очигледно е дека системот на заштита повторно потфрла. Иако жртвите се обратиле
до институциите – полиција, обвинителство, центар за социјална работа – не била обезбедена
соодветна заштита. Праксата покажува дека пријавите често не се третираат како родово
базирано насилство, а не се преземаат ни навремени мерки за превенција.
Особено загрижува што Ромките се жени кои се соочуваат со повеќекратна дискриминација – и
по основ на пол, и по основ на етничка припадност. Според податоците на Ромалитико од 2020
до 2024 година, тие сочинуваат 6–11% од сите жртви на семејно насилство, со 142 регистрирани
случаи само во 2024 година. Во истиот период, Ромките биле и непропорционално застапени
меѓу жртвите на трговија со луѓе – 20.2% од сите жени-жртви се жени Ромки. Сепак, до денес не
постои засолниште ниту СОС линија достапна на ромски јазик подржани од институции, а
услугите често се недостапни за жени од ромските населби, како географски, така и културно и
јазично
“ се наведува во реакцијата.

Оттаму, додаваат дека дополнително е загрижувачки што државата, покрај тоа што не ја реализира соодветно превенцијата и заштитата на жртвите од родово базирано и семејно насилство, истовремено
не обезбедува ниту ефективен и одржлив систем за нивна поддршка и реинтеграција.

Иако постојат шелтер центри како привремена мерка за згрижување, нивниот капацитет и
времетраење на престојот – кој најчесто изнесува од 6 месеци до максимум 1 година – се
ограничени и недоволни за долгорочно справување со последиците од насилството. Откако ќе
истече дозволениот период, многу жртви се принудени да се вратат во ризичната и насилна
средина од која претходно избегале, поради недостиг на системска поддршка, социјално
домување, економска независност и психосоцијална помош. Ова укажува на сериозен
недостаток на долгорочна стратегија за заштита и охрабрување на жртвите, која е клучна за
спречување на рецидиви и за успешно напуштање на циклусот на насилство.

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство прецизно го
уредува постапувањето на институциите со должно внимание при преземањето на мерки за
превенција, заштита и санкционирање на родово-базираното и семејното насилство. Законот
предвидува обврска за органите на државната власт, јавните институции, како и службените
лица од социјалната заштита, внатрешните работи, здравството, образованието и судските
органи, да делуваат итно и усогласено, водејќи се од интересите и потребите на жртвите. Покрај
превентивните и заштитните мерки, институциите се должни да воспостават и одржуваат
ефикасна координација, да обезбедат услуги за заштита и да водат систематско собирање на
податоци за насилството. Особено значајно е тоа што Законот овозможува жртвите да
поднесат тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност на институциите или
службени лица кои не постапиле со должно внимание, што претставува важен механизам за
заштита на нивните права и за поттикнување на институционална одговорност.
Дополнително, реформите во образованието кои се однесуваат на родова еднаквост се
спроведуваат без соодветно вклучување на граѓанските организации и без мониторинг – што ја
намалува нивната ефективност. Ромските жени се повторно оставени на маргините на системот
за заштита“
се вели во реакцијата.

Од Инсттитутот, излегоа и со неколку итни барања:

Фемицидот во Шуто Оризари да биде правилно квалификуван како убиство при
вршење родово базирано насилство
.

Секторот за внатрешна контрола да спроведе истрага дали полициските службеници
постапувале согласно своите надлежности имајќи во предвид дека оштетената
неколку пати пријавувала меѓутоа полицијата не составила записник ниту постапила.

Итна и независна истрага за институционалното постапување во овој и претходните
случаи на фемицид, за да се утврди одговорност за системското запоставување
согласно член 4 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и
семејното насилство.

Отворање на засолниште и СОС линија на ромски јазик со поддршка на институциите
кои ќе бидат достапни за жените од Шуто Оризари и другите ромски населби.

Континуирана обука за институциите (полиција, социјални служби, обвинителство) за
интерсекциска дискриминација и заштита на жртвите од ромската заедница.

Активно вклучување на ромското граѓанско општество во дизајнирање, спроведување
и надгледување на мерките за родова еднаквост и борба против насилство
“ се вели во реакцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни