Трнувам да си одам накај дома и на Whats App добивам неочекувана порака од странство. Почина девојка која кратко ја познавав, со која за момент ни се вкрсија патиштата, но ме оплемени нејзината храброст и добрина. После ваква вест, нема што многу да се каже за животот. Солзите ми доаѓаат на очи, погледнувам околу себе со лутина, со фрустрација и влегувам во автобус. На седиштето пред мене, ме пречекува мало детенце кое ми ги гледа солзите во очи. Додека пробувам да не се расплачам најсилно што можам, ми ги зема рацете и почнува да игра со мене.
Додека мислам на прекрасното девојче кое веќе го нема, мислам на она што ми останало во сеќавање од неколкуте наши средби. Детенцето пред мене ми ги допира рацете, го гледа светот подалеку од стаклото на автобусот очудено и му се радува. Додека јас ја тагувам смртта, пред мене животот во најпрекрасен облик ми се смешка и ми ја препознава можеби тагата. Колку е чудно да си длабоко тажен, а да се обидуваш да се насмевнеш во исто време, помислувам додека си играм со него.
На момент или два одново им се враќам на мислите и со срам погледнувам внатре во себе, во тоа што сум се трудела да го стекнам, во моите борби. Некаде читав дека надежта е наша привилегија и како да не се согласам сега со тоа, допирајќи си ги рацете, образите и нозете. Тука сум и сега, можам да го искористам тоа, можам да чувствувам, да тагувам и да живеам обидувајќи се, како и сите нас да ја разберам комплексноста на постоењето.
Ме обвива мислата дека навистина не е клише дека животот е краток. Впрочем, пред смртта, срам ми е да размислувам поинаку. Долго се плашев да пишувам и зборувам за неа, но вечерва на средбата меѓу она што веќе го нема и тоа што претстои, малото дете седнато пред мене ме освестува и ми покажува дека сум присутна. Почнувам да плачам и да му се насмевнувам истовремено, знаејќи колку време како и сите други губам на ситници, на згрченост, на болка, наместо на препуштање, на храброст, на верување.
Што ме учи растргнатоста меѓу болката и обидот за радост истовремено? Колку е тешко, покрај се, да се освести тоа дека сме минливи, кршливи и кревки. Дека не можеме сами. Дека сме си потребни за да црпиме поддршка и надеж едни од други. Дека во суштина тоа е нашето оружје, сега кога нѐ голта брзањето, потрагата по работи за кои и самите не сме свесни, животот воопшто. Додека се смееме, а ни се плаче, учиме колку забораваме што е вистински важно и како се однесуваме кон нежните моменти со спокој. Би сакала секогаш да бидам свесна за тоа, помислува за миг – а потоа и сама влегувам во вртлогот на трчај и не застанувај. Додека не ме тресне вест како оваа. Додека не ме натера да застанам во шок на среде улица и да гледам бледо во празно.
Не е клише дека животот е краток. Измеѓу малите моменти на спокој и споделена радост, животите ни ги преклопуваат трагедии, тешки моменти и борба преку која секој ден учиме како да сме посилни. И во таквите моменти, кога не се станува од кревет, кога депресивните епизоди чукаат на врата, морам да се потсетам и да најдам, мало жарче како она на детенцето во автобусот што ме враќа наназад кон сегашноста, кон перспективата на доброто што морам да го барам, за да го најдам. Затоа што ова одамна не е розов свет. Ние сме херои кога успеваме да направиме нешто добро и со тоа да изнудиме нечија, па и своја насмевка.