Најпопуларната пица во пицерија во Дизелдорф имала тајна состојка – кокаин

Пицата број 40 долго време беше најпродаваното јадење во ресторан во Дизелдорф, додека полицијата не ја откри нејзината тајна состојка – пакетче кокаин.

Откривањето на необичен и незаконски начин на дистрибуција на дрога ѝ овозможи на полицијата да разбие синџир на организиран криминал во најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија. Околу 150 полицајци учествуваа во рација на 16 локации во девет градови минатата недела, а три лица беа уапсени и беше запленето и оружје, јави агенцијата ДПА.

Главниот инспектор Мајкл Граф фон Молтке рече дека полицијата ја надгледувала пицеријата, која се наоѓа во популарен дел на градот од март, кога рутинската санитарна инспекција открила дрога во кујната.

Полициската единица за борба против наркотици почнала да го надгледува објектот и забележала дека пицата број 40 е омилена меѓу клиентите.

„Тоа беше една од најпродаваните пици. Под тестото ставале пакетче кокаин. Тоа беше изненадување за нас бидејќи сопственикот никогаш немал досие ниту бил обвинет за трговија со дрога“, рече Фон Молтке.

Слоганот на пицеријата беше „Сè ти носиме дома“. Засега не е познато колку пицеријата наплаќала за пицата број 40.

Кога полицајците дошле да го испрашаат триесет и шестгодишниот сопственик на пицеријата, хрватскиот државјанин наводно низ прозорецот фрлил вреќа полна со дрога, а истата паднала право во рацете на друг тим полицајци кои чекале долу.

Запленети се 1,6 килограми кокаин, 400 грама канабис и 268.000 евра, како и скапи рачни часовници, пиштол, секира и ножеви.

Два дена подоцна, сопственикот бил ослободен од притвор бидејќи немал досие, и веднаш ја отворил пицеријата и повторно почнал да ја продава својата популарна пица, дозволувајќи им на инспекторите да го следат синџирот на снабдување.

Набрзо го пронашле главниот осомничен „насилниот и бескрупулозниот“ – дваесет и двегодишен руски државјанин кој се занимава со боречки вештини, кој од претходно ѝ бил познат на полицијата и бил осомничен за дилање кокаин и големи количества канабис.

Тој е осомничен дека повеќе пати ги нападнал и ограбил ривалските дилери, од кои еден бил киднапиран и задржан два дена, по што од неговата куќа била украдена поголема количина хашиш.

Полицијата го уапсила заедно со 30-годишен Германец од Келн и 28-годишен Мароканец од Хан кај Дизелдорф. Осомничени се уште 12 лица, сопственикот на пицеријата повторно е во притвор, а неговата пицерија е затворена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни