Најмалку шестмина загинати откако подморница потона во Црвеното Море

Подморницата тргнала од пристаништето во туристичкото шеталиште во крајбрежниот град Хургада, во Египет.

Според извештаите, најмалку шест лица загинаа, а девет се повредени откако потона туристичка подморница со 45 лица во Црвеното Море во Египет.

Подморницата тргнала од пристаништето во туристичкото шеталиште во крајбрежниот град Хургада и се упатувала кон подводна обиколка на локалните корални гребени.


Во соопштението на гувернерот на Црвеното Море се вели дека екипите за итни случаи успеале да спасат 29 лица.

Руската амбасада во Египет на Фејсбук објави дека сите туристи во подморницата биле руски државјани. Амбасадата додаде дека е потврдена смртта на четворица, додека се чекаат дополнителни информации за другите.

Засега не е јасно дали меѓу жртвите е и некој од членовите на екипажот или што го предизвикало потонување на подморницата.

Ова не е прв инцидент со туристички бродови кои тонат во Црвеното Море. Во ноември минатата година потона туристички брод наречен Sea Story, при што 11 загинаа или исчезнаа, а 35 преживеаја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни