Најмалку две лица повредени на протестот на Универзитетот Колумбија, уапсени 76 лица (ВИДЕО)

Њујоршката полиција уапси десетици демонстранти кои учествуваа на про-палестинските протести во библиотеката „Батлер“ на Универзитетот Колумбија, при што беа повредени две лица.

Полицијата уапси околу 76 демонстранти, но сè уште не е јасно колку од нив се соочуваат со обвиненија, пренесува „CBS News“. Универзитетските службеници соопштија дека двајца службеници за јавна безбедност биле повредени во судирот со демонстрантите, но не е познато дали има и други повредени.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, изјави дека универзитетот ја замолил полицијата да ги отстрани оние кои го нарушуваат јавниот ред и мир.

Почетокот на инцидентот е снимен на видео, кое покажува како демонстрантите влегуваат во библиотеката вчера попладне, заземаат една од просториите во зградата и вршат вандализам врз имотот.

Универзитетските службеници изјавија дека тимот за јавна безбедност реагирал брзо. Според нив, од демонстрантите било побарано да покажат лична идентификација и да се разотидат. Исто така им било соопштено дека ќе бидат уапсени доколку не ја послушаат полицијата. До вечерта, ниту еден демонстрант не се идентификувал ниту ја напуштил библиотеката. Голем број демонстранти се собрале пред библиотеката, обидувајќи се да влезат во зградата.

Вршителката на должноста декан на Универзитетот Колумбија, Клер Шипман, соопшти дека двајца службеници за јавна безбедност биле повредени „во текот на налетот на масата што се обидувала да влезе во зградата и просторијата 301“.

Протестите се прошириле на периферните делови од кампусот, каде што демонстрантите влегле во судири со полицијата, поместувале барикади и блокирале улици.

Протестите се случиле во периодот пред завршните испити на универзитетот, а службениците изразиле незадоволство поради нарушување на академските активности.

Овие протести се случуваат во контекст на минатогодишните про-палестински протести на кампусот, кои предизвикаа реакција од администрацијата на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, која се закани дека ќе му ги ускрати средствата на универзитетот доколку не се спроведат одредени промени, пренесува „CBS News“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни