Според италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пиантедоси, најмалку 400.000 верници и посетители присуствувале на погребот на папата Франциск кој се одржа во саботата во Ватикан. Многумина се собраа на плоштадот Свети Петар и покрај улиците на Рим низ кои помина ковчегот со телото на папата до базиликата Света Марија Велика, каде што беше и погребан.
„Меѓу присутните на мисата и оние што стоеја по должината на трасата до базиликата, проценуваме дека имаше најмалку 400.000 луѓе,“ изјави Пиантедоси, пренесе агенцијата Бета.
Светски лидери во Ватикан
Погребот го следеа и десетици државници, верски водачи и суверени, вклучувајќи ги: американскиот претседател Доналд Трамп, претседателот на Украина Володимир Зеленски, британскиот принц Вилијам, францускиот претседател Емануел Макрон и шпанскиот крал Фелипе.
Папата Франциск почина на Велигденски понеделник, на 89-годишна возраст.