Со поставување на тракери во пакувањата со мека пластика што биле собирани во супермаркетите Sainsbury’s и Tesco низ Велика Британија во јули 2023 и февруари 2024 година, учесниците во кампањата откриле дека поголемиот дел од пластиката завршила со согорување наместо да се рециклира.
Everyday Plastic, која ја спроведе истрагата заедно со Агенцијата за истраги за животна средина, следеле пакети со мека пластика што супермаркетите ги собирале од клиентите со ветување дека ќе бидат рециклирани. Од 40 пакувања пластика, тракерите стигнале до крајните дестинации во 17 случаи. Од нив, 12 пакувања биле користени како пелети за гориво или согорени за енергија, покажа истрагата.
Кога Sainsbury’s ја почнале својата кампања за собирање пластика во 2021 година најавиле дека иновативниот систем ќе им овозможи на нивните клиенти да рециклираат полипропиленски филм кој се наоѓа во неколку производи за домаќинството.
Од Tesco рекле дека нивните клиенти ќе можат да ја вратат секоја мека пластична амбалажа за рециклирање. Мека пластика е тешко да се рециклира и многу малку објекти во Обединетото Кралство имаат способност да ја обработат.
Алисон Колклаф, од Everyday Plastic, рече: „Нашите тракери ја откриваат тешката вистина за шемите за рециклирање на мека пластика во супермаркетите – меката пластична амбалажа нема да се рециклира.“
„Поголемиот дел од снопови мека пластика што ги следевме завршија согорени за енергија – решение што се користи се повеќе и повеќе за да се справи со огромното количество пластичен отпад.“
„Шемите за враќање се претставени како решение, што го оттргнува вниманието од главното прашање што не може да се занемари: се произведува премногу непотребна пластична амбалажа“.
Кејти-Скарлет Ветерал, од еколошката невладина организација Client Earth, рече дека истрагата за тоа што навистина се случува со меката пластика собрана од супермаркетите открила огромен јаз помеѓу она што им се кажува на потрошувачите и реалноста. Таа рече дека тврдењата за рециклирање на меките пакувања се погрешни.
Следниот месец земјите ќе се обидат да склучат глобален договор за отпадот од пластика по одбивањето од развиените земји во врска со предложените ограничувања на производството. Во последните разговори за договорот на ОН за пластика имаше обвинувања дека развиените земји попуштиле на лобито за фосилни горива и пластика околу тоа дали намалувањето на производството на пластика треба да биде клучен дел од договорот.
Обединетото Кралство најголем дел од пластиката собрана за рециклирање ја испраќа надвор, извезувајќи речиси 600.000 тони во 2023 година, што е зголемување од 10% во однос на претходната година. Само во август 2023 година беа извезени речиси 53.000 тони пластичен отпад.
Турција беше најголемата дестинација каде што пристгнува пластичниот отпад од Велика Британија во 2023 година, земајќи повеќе од 140.000 метрички тони. Холандија е втора со 116.500 метрички тони.
Извозот на пластичен отпад се вбројува во податоците за рециклирање на владата на Обединетото Кралство.
Извор: Guardian