Во изминативе неколку години се мобилизираат движења, во голема мера поддржани од МПЦ и од други верски заедници, кои се противат на унапредувањето на родовата еднаквост и на правата на ЛГБТИ луѓето. Верските заедници никогаш не им биле пријатели на феминистките, па нема зошто да биде поинаку и сега. Разликата е во тоа што сега се имаат малку ребрендирано, па се претставуваат како заштитници на жените и на децата, а трансродовите луѓе и родовата еднаквост ги прикажуваат како крајно опасни, особено за децата. Оваа фраза дури и кај нас се излити од употреба, така што секогаш кога ќе чуете дека сакаат да ги заштитат децата, знајте дека, всушност, сакаат да им ги негираат правата на жените и на ЛГБТИ луѓето. Со други зборови, нивното „заштита на децата“ е синоним на „негирање на женските и ЛГБТИ правата“.
Овие движења бараат терминот „родова“ да се промени во „полова“ еднаквост. Ова барање не е само терминолошка финеса. Прифаќањето на ваквата промена значи дека не гледаме дека луѓето се различно третирани поради родовите улоги, поради што правилата, стандардите и нормите различно важат во зависност од тоа дали некој е маж, жена или, пак, не може да се вклопи во овие бинарни претстави (транс или родово небинарно лице). Со ова барање се промовира идејата дека сите овие родови разлики, норми и улоги не треба да се менуваат зашто наводно се „природни“ полови разлики меѓу луѓето, со што се промовира зацврстување на патријархатот. Со негирањето на родот се одбива да се признае дека децата поминуваат низ процесот на родова социјализација, во кој уште од најмала возраст несвесно ги усвојуваат родот и родовите улоги што им ги наметнува патријархалното семејство и општество – и дека оттука произлегуваат понатамошните нееднаквости и насилството, неможноста да се реализира сопствениот потенцијал и да се живее своето автентично „јас“, што е непогрешлива формула за несреќни и насилни млади со бројни социјални проблеми.
Ако имаме предвид дека во патријархалната култура „удри по најслабиот“ е вообичаениот начин на градење на врските, тогаш јасно е како се третираат децата. Според последните завршни согледувања на Комитетот за правата на детето, токму насилството и дискриминацијата се области за кои се изразува загриженост. Бидејќи децата не котираат високо во патријархатот, тие се третирани како сопственост на мажот или, во најдобар случај, на родителите. Ова е видливо и во наративот на антиродовите движења. Тие се залагаат за апсолутни права на родителите да одлучуваат што децата смеат да учат, да читаат, да гледаат и слично, без да ги земат предвид нивните потреби. Па така, за нив децата се објекти на кои им се негираат капацитетите и можностите да донесат информирани одлуки, во согласност со возраста. Тврдењето дека „родителите знаат што е најдобро за нивните деца“ е мит. Родителите не се хомогена категорија, меѓу нив има луѓе со различни вредности и способности. Токму затоа државите основаат цел корпус на институции и законодавство што има за цел да ги заштити децата, кога нивните родители не постапуваат според најдобриот интерес на детето. Децата треба да се воспитуваат и образуваат во согласност со најновите научни сознанија од областа на детската психологија, педагогија, невронаука итн., за што родителите треба да добијат соодветни знаења и поддршка, наместо да се поттикнуваат да веруваат во митови за сопствените вродени капацитети за родителство.
Патријархалното семејство е расадник на родово засновано насилство во домот и надвор од него. Не е во најдобар интерес на ниту едно дете секојдневно да гледа како некој ја тепа и навредува мајка му. Не се ретки случаите во кои и детето е директна жртва на семејно насилство; напротив, во патријархалното семејство ќотекот е прифатлива „дисциплинска мерка“. Антиродовите движења се противат и на Истанбулската конвенција, како најзначаен правнообврзувачки инструмент на регинално ниво за заштита и превенција од семејно насилство. Самото ова го потврдува фактот дека ним воопшто не им е грижа за безбедноста и здравјето на децата.
Патријархалното семејство е подеднакво, а на различен начин штетно за секое дете, дури и ако не ги земеме предвид ЛГБТИ децата. Во него на момчињата им е дозволено да бидат насилни, а згора на тоа, и се учат да бидат насилни. Татковците се фалат ако нивниот син се степал и победил и се разочаруваат ако не сакал да возврати со насилство. Девојчињата, пак, се учат на спротивното – да молчат и да трпат, да заземаат помалку простор, а преку постојано засрамување и прекорување се навикнуваат вината секојпат да ја бараат во себе. Уште од најмали, девојчињата (се) учат повеќе да ги вреднуваат момчињата кои се подоминантни, поагресивни и побогати, за подоцна во животот, кога ќе направат избор на партнер според овие параметри, да бидат осудувани. Дотолку повеќе, сите се чудиме „како тоа 10 години ја малтретирал, а дури сега пријавила?! Сигурно лаже, јас веднаш би пријавил“. Родовата социјализација резултира со непрекинат натпревар во групите сегрегирани по род (момчиња и девојчиња), со тоа кој најдобро го преформира родот. Па така, најагресивното момче е алфа, а другата група е предводена од најженственото девојче. Наместо солидарност, прифаќање на различности, поттикнување да се најде и изрази свој и уникатен начин на бидување човек, се стимулира вкалапување, исклучување на различните и озборување.
Патријархатот е вредносна матрица која промовира и одобрува насилство кон „другите“ и помеѓу мажите како дел од т.н. мачо/машка социјализација. За да имаме безбедни и среќни деца, треба што поскоро да ги менуваме родовите норми и како родители да се залагаме за родова еднаквост и во домот и во општеството. Главниот предизвик со кој се носам како мајка ми е да ги намалам штетите што неминовно ќе настанат од родовата социјализација, за да може моето дете да порасне во самоуверен, емпатичен и среќен млад човек. Мојот страв е дека нема да најдам поддршка за ова во поширокото семејство, во образовните институции, во медиумите, во културата итн. На моите трансродови пријатели гледам како на сојузници кои можат само да ми помогнат во неговото воспитување. Од нив ќе научи важни лекции за храброста да се живее автентичното „јас“, за издржливоста и за упорноста, за важноста на градењето заедница заснована врз солидарност и поддршка.