Оваа 2023 година понуди низа на добри серии кои го зграпчија вниманието на публиката ширум светот. „Би-Би-Си“ направи листа од десетте најдобри серии кои излегоа оваа година, а кои публиката на стриминг платформите најдобри го оценува.
- The Last of Us
Токму кога се чинеше дека нема место за уште една пост-апокалиптична драма или адаптација на видеоигри, се појави The Last of Us. Приказната вклучува застрашувачки зомби со глави од печурки, но тие се најмалата причина за успешноста на серијата. Таа внесува длабока хуманост и емоции во својата напната приказна за преживување, фокусирана на врската помеѓу Џоел (Педро Паскал), ужалениот татко, и Ели (Бела Ремзи), девојче без родители која неволно се согласува да ја одведе на безбедно место. Додека патуваат на запад низ она што некогаш било САД, променливиот пејзаж и ликовите со кои се среќаваат додаваат опсег и разновидност. Епизодата во која глумат Ник Оферман и Мареј Бартлет, чија врска трае со децении по апокалипсата е веќе една од најтрогателните во годината. Средбата со изгубениот брат на Џоел е задоволувачка, но сепак полна со загуба до крајот. Паскал го доби заслужениот мејнстрим пробив со улогата, со моќна, реалистична изведба, што му донесе номинација за Еми. The Last of Us е одлично прифатена и од луѓето што воопшто не знаеле дека приказната е од видео игра.
2. Poker Face
Понекогаш концептот за серија е толку инспиративен, што едноставно нема шанси да не биде успех. Таков е случајот со оваа серија за „убиство на неделата“ од креаторот на Knives Out, Ријан Џонсон, која е креирана по неврзан разговор на вечера помеѓу него и ѕвездата Наташа Лион за нивната љубов кон детективските шоуа. Една од најголемите холивудски ѕвезди, Лион тука одлично ја глуми неумешната Чарли, келнерка во бегство која се наоѓа себеси како патува низ САД, ненамерно вмешајќи се во случаи на убиства што може да ја предизвикаат нејзината ментална острина и уникатната способност да открие кога некој лаже. Има нешто посебно смирувачко во гледањето на Лион како ги спојува парчињата од сложувалката, пред уште еднаш да тргне на патот. Вистинска епизодна ТВ серија од старата школа, тоа е едно од наједноставните и најчистите задоволства годинава.
3. Shrinking
Харисон Форд, во неверојатена, но брилијантна комична улога, би било доволна причина за гледање на оваа серија, но Shrinking прави нешто неочекувано и предизвикувачко за да се наметне. Во серијата се урамнотежува срдечниот драматичен тон од тажна приказна со многу смешен хумор заснован на карактери. Џејсон Сегел, исто така еден од креаторите на серијата (заедно со Бил Лоренс и Брет Голдстајн од Тед Ласо), го игра Џими, симпатичен, но понекогаш и бескорисен терапевт. Една година по смртта на неговата сопруга, тој решава да им каже на своите пациенти како да си го водат животот. Голем дел од духовитоста доаѓа од начинот на кој неговите колеги се обидуваат да го спасат од себе; Форд е одличен во улога на постар терапевт кој е исто така пријател и ментор на Џими. Џесика Вилијамс е уште една колешка на Џими. Како што ликовите откриваат сè повеќе недостатоци, тие стануваат и подопадливи во сите нивни несовршености.
4. Succession
Во својата четврта и последна сезона, оваа сага за пари, моќ и семејна дисфункција ги исполни своите големи амбиции, освојувајќи 27 номинации за Еми. Епизодата во која умира Логан Рој (Брајан Кокс) е уметнички скапоцен камен сам по себе, фокусиран не на човекот што умира, туку на неговите далечни, вознемирени деца, оживеани од Џереми Стронг, Сара Снук и Киран Калкин со вознемирувачки длабочина. На крајот, на прашањето кое дете на Рој ќе го наследи нивниот татко да ја води медиумската империја „Вајстар Ројко“ беше одговорено на изненадувачки начин, нагласувајќи ја идејата дека никој не ја држи власта вечно. Портретот на алчноста и променливиот медиумски пејзаж на Succession е без конкуренција, но најбрилијантниот потег на креаторот Џеси Армстронг беше да го отелотвори сето тоа во едно скршено семејство. Succession има сигурно место меѓу најдобрите серии на сите времиња.
5. Beef
Ако ова шоу на Нетфликс беше продадено како драма за нервирање во сообраќај, тогаш моментот во кој жителите на Лос Анџелес, Ејми (Али Вонг) и Дени (Стивен Јун) се судрија на паркинг е навистина само почетна точка за мрачно смешна серија во која настаните излегуваат од контрола на неочекуван начин, бидејќи нивните животи стануваат сè повеќе испреплетени. Социјалната сатира од претходните епизоди не ве подготвува за некои надреални моменти што се случуваат подоцна. Вонг и Јун се и неверојатни, од различни страни на класниот јаз, но подеднакво нервозни и се поддржани од извонреден ансамбл споредни актери, од Марија Бело како животен тренер во стилот на Гвинет Палтроу до Јанг Мазино како слаткиот помлад брат на Дени, Пол. Во време кога Нетфликс ги намалува вистинските смели и субверзивни содржини, ова се издвојува како редок скапоцен камен.
6. Dead Ringers
Рејчел Вајс е постојано една од нашите најпривлечни ѕвезди – така што да се добијат две од неа по цена од една во оваа адаптација на истоимениот филм на Дејвид Кроненберг од 1980-тите за идентични близнаци гинеколози е вистинско задоволство. Вајс максимално ја користи двојната улога: како срамежливата, исправена Беверли и декадентната, непослушна Елиот, заеднички основачи на најсовремениот центар за породување. Всушност, целата оваа реимагинација на изворниот материјал е инспирирана, од одличното смешно и остро сценарио на Алис Бирч до неверојатната кинематографија и незаборавната споредна изведба на Џенифер Еле како аморален финансиер милијардер кој го прави семејството Рој на Succession да изгледа како Брејди Банч. Севкупно, создава мрачно примамлив психолошки трилер кој секако е меѓу најдобрите и најхрабрите драмски серии што Амазон некогаш ги има произведено.
7. The Diplomat
Еден од најпаметните политички трилери во последните години, оваа серија комбинира меѓународни интриги, неизвесност, па дури и автомобилски бомби со лична драма. Кери Расел e кариерна американска дипломатка која одеднаш се нашла себеси како амбасадор во Обединетото Кралство. Таа слетува среде расправија за тероризмот и кој да биде виновен за бомбардирањето на британскиот брод, што создава стресови и оптоварувања на нејзиниот брак што се распаѓа. Руфус Севел е нејзиниот несигурен сопруг дипломат, кој има свои амбиции. Нивните заеднички сцени се модели на драма на возрасни, бидејќи нивната врска зависи од политичката оптика, како и од емоциите. Креаторката на „The Diplomat“, Дебора Кан, беше писателка на „West Wing “, но оваа свежа серија нема ништо од жестокиот патриотизам на тоа шоу. Остриот поглед на политиката, кој се граничи со цинизам, е совршено прилагоден на денешниот свет – и преполн со пресврти и експлозии.
8. Happy Valley
Серии за полицајци има премногу, но ниту еден од полицајците не изгледа толку раелно како Кетрин Кавуд, истовремено неукротимната и кревка северноанглиска полицајка која ја игра Сара Ланкашир. Седум години од последната епизода, приказната започнува со Кетрин која има проблеми со нејзиниот сега тинејџерски внук Рајан – и неговиот татко, злобниот криминалец Томи Ли Ројс (Џејмс Нортон), кој е во затвор. Но, уште колку долго? Како и секогаш, она што Вејнрајт го прави толку маестрално е да ја балансира неизвесноста на заплетот со живиот портрет на малиот град Јоркшир.
9. Silo
Apple TV+ стана можеби местото за најдбри серии во последно време, а еве уште една одлична нова серија: дистописка научно-фантастична приказна, базирана на книгите на авторот Хју Хауи. Сместена во иднина, во серијата се открива дека човештвото е повлечено во голем подземен силос за да живее додека светот надвор станува очигледно непогоден за живеење. Но, неговите жители не се целосно свесни за тоа што точно се случило да ги одведе таму сè додека разни луѓе, вклучително и шерифот Холстон (Дејвид Ојелово) и инженерката Џулиет (Ребека Фергусон) не почнат да се сомневаат во целиот режим и лагите. Целата серија е прекрасно замислена, од производниот дизајн на затворениот, бетонски свет до интригантниот заговор. Како што вели Џон Нуџент во списанието Empire: „тоа е мистерија со загатки од, која во нејзините десет епизоди позајмува елементи на Свифтовска сатира, студени политички заговори од времето на Студената војна, вестерн пресметки во малите градови, сомнителни полициски процедури, па дури и филозофски мисловни експерименти“.
10. The Bear
The Bear направи дрзок потег во својата втора сезона, бидејќи готвачката Карми (Џереми Ален Вајт) ја затвори сендвичарата The Beef и ја замени со луксузен ресторан, The Bear. Ризикот од тој потег се одвиваше во текот на целата динамична сезона, што го забави интензитетот на кујната и наместо тоа понуди подлабоко нурнувања во животот и минатото на ликовите. Врв е епизодата на Бадник, флешбек во кој се појавува Џејми Ли Кертис како емоционално проблематичната мајка на Дона, Карми и Шугар (Еби Елиот), која ја подготвува семејната вечера со хаотична енергија. Братучедот Ричи (Ебон Мос-Бахрах) има своја ѕвездена епизода и крива на учење кога поминува една недела работејќи во ресторан со Мишелин ѕвезди. Заедно со кујнските сцени и јадењата од рајот на стилистите за храна, The Bear ги претставува своите ангажирани, збунети, повеќеслојни ликови од внатре кон надвор.
Извор: BBC