Најчести летни болести кај децата – како да ги препознаете и спречите?

Иако топлото време нуди бројни можности за игра и рекреација, тоа истовремено носи зголемен ризик од појава на одредени здравствени проблеми.

Со доаѓањето на летото, децата повеќе време минуваат на отворено – во паркови, базени, езера или на патувања. Летото носи многу радости за децата – игра на отворено, патувања, капење и долг престој на свеж воздух. Иако топлото време нуди бројни можности за игра и рекреација, тоа истовремено носи зголемен ризик од појава на одредени здравствени проблеми.

Во продолжение, ви ги претставуваме најчестите летни болести кај децата и советите како да ги спречите.

Стомачни вируси и труења со храна

Топлината го забрзува развојот на бактериите во храната и водата, што го зголемува ризикот од гастроинтестинални инфекции.

Симптоми: повраќање, дијареа, болки во стомакот, температура.

Превенција: Мијте го темелно овошјето и зеленчукот. Чувајте ја храната во фрижидер. Избегнувајте улична храна и млеко или млечни производи без декларација.Осигурајте се дека детето пие само безбедна, филтрирана или зовриена вода

Инфекции на кожата

Топлото време, потењето и контактот со различни инсекти може да предизвикаат појава на кожни иритации.

Симптоми: црвенило, чешање, осип, оток по убод.

Превенција: Одржувајте ја кожата на детето чиста и сува. Облекувајте го во светла, лесна и памучна облека. Користете заштитни средства против инсекти (одобрени за детска возраст).Користете креми за потнички ако е потребно.

Инфекции на уши (особено по капење)

Долгото престојување во вода, особено во базени, може да доведе до т.н. „пливачко уво“.Симптоми: болка во увото, чувство на затнатост, намален слух.

Превенција: Избегнувајте долго престојување во вода. Исушете ги ушите по капење. Не користете стапчиња за уши – може да ја влошите состојбата.

Сончаница и топлотен удар

Долга изложеност на сонце без заштита може да доведе до сериозни здравствени состојби.

Симптоми: главоболка, вртоглавица, гадење, висока температура, забрзано дишење.

Превенција: Избегнувајте директна изложеност на сонце од 11 до 17 часот. Облекувајте детето со капче и лесна облека. Нудете течности често, дури и ако детето не е жедно. Користете креми со висок заштитен фактор (SPF 30+).

Настинки и вирусни инфекции

Иако се поврзуваат со зима, летните настинки се чести поради нагли температурни промени – од климатизирани простории на топло време и обратно.

Симптоми: течење од нос, кашлица, грлоболка, благо зголемена температура.

Превенција: Не држете ја климата на многу ниска температура. Постепено прилагодувајте го телото на разликата во температури. Охрабрете ги децата да мијат раце редовно.

Каснувања од инсекти – опасности и заштита

Летото е сезона кога инсектите – особено комарците, пчелите, осите и крлежите – се најактивни. Каснувањата се чести, а кај некои деца може да предизвикаат посилни алергиски реакции.

Најчести инсекти кои каснуваат:

Комарци: предизвикуваат црвенило и чешање.

Пчели/оси: каснувањето е болно и може да доведе до оток и алергија.

Крлежи: опасни поради пренос на болести како Лајмска болест.

Мравки, болви, пајаци: ретко опасни, но може да предизвикаат осип или иритација.

Симптоми на каснување: Црвенило, оток, болка или чешање на местото на каснувањето.Кај алергични деца: посилен оток, осип, отежнато дишење (во тој случај, веднаш побарајте медицинска помош!).

Превенција: Нанесете средство против инсекти (репелент) – изберете производ погоден за деца. Облекувајте деца со лесна, долга облека при прошетки низ природа. Избегнувајте мирисливи креми или парфеми пред излегување – тие привлекуваат инсекти. Проверете ја кожата по играње во природа, особено зад ушите, на вратот, под мишките и зад колената – места каде се закачуваат крлежи. Држете комарници на прозорци и врати, и користете мрежи на колички или креветчиња.

Што да направите ако дојде до каснување: Измијте го местото со сапун и вода. Нанесете ладен облога за да го намалите отокот и чешањето. За комарци – може да се користи антихистамински гел (по препорака од педијатар). Ако детето покажува знаци на алергиска реакција веднаш посетете доктор!

Морски ежови и медузи – скриени опасности во морето

Децата обожаваат да пливаат и да играат во морето, но во некои крајбрежја може да се сретнат со морски ежови или медузи, кои можат да предизвикаат болни реакции и непријатности.

Морските ежови имаат остри боцки кои лесно се забодуваат во кожата, особено на стапалата.

Симптоми: Остра болка при нагазување, црвенило, оток, боцки останати под кожа. Потенцијална инфекција ако не се третира на време

Што да направите: Не се обидувајте на сила да ги вадите боцките со прсти. Потопете го стапалото во топла вода со сол или оцет – ова може да помогне боцките да омекнат. Посетете лекар ако боцките останат во кожата – понекогаш е потребна медицинска интервенција. Чувајте ја раната чиста, со антисептик и стерилна газа.

Превенција: Носете гумени морски сандали при влегување во море, особено во карпести и непознати делови.

Контакт со медуза

Некои медузи имаат пипала кои ослободуваат отров (жалци) при контакт со кожата.

Симптоми: болка, печење, црвени линии или пликови на кожата. Понекогаш главоболка, мачнина, вртоглавица, а кај некои деца – алергиска реакција.

Прва помош

Излезете веднаш од вода. Исплакнете го местото со морска вода (не со слатка – тоа може да активира уште повеќе жалци!). Потоа, нанесете оцет (ако има) за да се неутрализира отровот. Ако има видливи пипала, отстранете ги внимателно со пинцета или кредитна картичка. Не тријте! Тоа може да ја влоши реакцијата.

    Побарајте лекар ако реакцијата е силна или се појави оток, осип, или проблем со дишењето.

    Превенција: Прашајте локалните спасувачи или жителите дали има медузи во близина.Избегнувајте капење при мрачни денови или веднаш по невреме – тогаш најчесто се појавуваат поблиску до брегот.

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни