Навивачите ги славеа ракометарите, а Град Загреб најавува тужби. Томпсон: „Се гледаме догодина“

Град Загреб соопшти дека за секое користење јавна површина е потребна нивна согласност, која во овој случај не била побарана ниту издадена.
epa12685825 Croatian fans celebrate after the EHF EURO 2026 men's handball main round match between Slovenia and Croatia, in Malmo, Sweden, 27 January 2026. EPA/JOHAN NILSSON SWEDEN OUT SWEDEN OUT

Десетици илјади навивачи во понеделникот на Плоштадот Бан Јосип Јелачиќ во Загреб ја пречекаа хрватската ракометна репрезентација, која на Европското првенство во Данска, Норвешка и Шведска го освои бронзениот медал.

Хрватските ракометари на сцената пристигнаа околу 18:40 часот, предводени од селекторот Дагур Сигурдсон. Секој излез на играч беше поздравен со громогласни аплаузи, а вистинска еуфорија настана кога капитенот Иван Мартиновиќ го донесе пехарот за третото место.

– Ова е чудо. Бевме тука и пред една година и тогаш рековме дека би било убаво да се повтори. Се трудевме да покажеме дека минатогодишниот успех не беше случаен. И еве нè повторно – овој медал е и за нашите навивачи – изјави Мартиновиќ.

Еден од јунаците на натпреварот за бронза, Давид Мандиќ, рече дека е толку среќен што, и покрај бројните повреди, би можел да одигра и две цели средби.

– Ние сме воини, како гладијатори – рече Мандиќ, на чие лице сè уште беа видливи траги од дуелот со Исланѓаните.

Селекторот Сигурдсон им се обрати кратко на собраните:

– Ви благодарам на овие прекрасни луѓе. Бевме и лани тука и благодарам за поддршката.

По него на сцената се појави Марко Перковиќ Томпсон, кој ја изведе неофицијалната химна на ракометарите „Ако не знаеш што било“.

– Ни донесовте огромна радост. За мене вие сте хрватски витези и кога губевте и кога победувавте, и кога околу вас се случуваа споредни работи вие останавте витези рече Томпсон.

Тој потоа ги изведе своите најпознати песни, меѓу кои „Мој Иване“, „Гени камени“, „Лијепа ли си“, додека на големиот видео-ѕид се прикажуваа сцени од натпреварите на хрватската репрезентација. На крајот им се заблагодари на сите и порача: „Се гледаме догодина“.

Без инциденти, но со политички последици

Полицијата потврди дека пред, за време и по пречекот немало инциденти. Сепак, последиците од судирот меѓу државната и локалната власт допрва се очекуваат.

Имено, Владата, во соработка со Хрватскиот ракометен сојуз, го организираше пречекот без дозвола од Град Загреб. Спорен беше настапот на Томпсон, кого го посакуваа ракометарите, но кому Градот му забрани настапи на јавни површини поради ланскиот концерт во Арената Загреб, каде што се извикуваше слоганот „За дом спремни“.

Град Загреб соопшти дека за секое користење јавна површина е потребна нивна согласност, која во овој случај не била побарана ниту издадена. Работата на комуналните редари била блокирана, а Градот најави издавање повеќе казни, вклучително и наплата за чистење на центарот на градот.

Остра реакција од опозицијата

На настаните реагираше и СДП, оценувајќи дека премиерот Андреј Пленковиќ извршил „мал државен удар“ врз локалната самоуправа.

– Ова нема врска со спортот. Ова е политичка инструментализација – порачаа од СДП, додавајќи дека успехот на спортистите бил засенет со туркање на еден изведувач во прв план.

Претседателот на СДП, Синиша Хајдаш Дончиќ, исто така остро го критикуваше премиерот, повикувајќи ги граѓаните на смиреност и достоинство.

Томашeвиќ: Се кршат Уставот и законите

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашeвиќ, изјави дека Владата со овој потег ги прекршува Уставот и законите.

– Никакви закани нема да ме натераат да ги променам одлуките што сум ги донел. Одговарам пред граѓаните на Загреб – рече Томашeвиќ, прашувајќи по кои овластувања полицијата им забранила дејствување на градските служби.

Тој оцени дека станува збор за незапаметено институционално насилство и директен удар врз локалната автономија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни