Навивачи во Италија нападнале автобус, починал совозачот кој бил погоден со цигла

Тој седел во предниот дел од автобусот до возачот кој во тој момент го возел автобусот и починал откако тула го погодила во глава

Еден од возачите на автобус што превезуваше навивачи на кошаркарскиот тим Пистоја почина синоќа откако навивачи на соперничкиот тим Себастијани од Риети го нападнаа автобусот на автопатот.

Несреќниот совозач седел во предниот дел од автобусот до возачот кој во тој момент го возел автобусот. Тој починал откако тула го погодила во главата, јавува италијанската новинска агенција АНСА.

Нападот се случил на автопатот Риети-Терни, околу 80 километри североисточно од Рим. Навивачите на Себастијани фрлале камења и други предмети врз автобус кој го напуштал Риети по натпревар од втората италијанска лига.

Министерот за спорт: Овие насилници не можат да се наречат навивачи

Итните служби, заедно со неколку полициски и карабинерски патроли, веднаш реагираа, но обидите да се спаси животот на возачот беа неуспешни. Во тек е полициска истрага за да се обидат да се пронајдат одговорните за нападот.

Италијанскиот министер за спорт, Андреа Абоди, изрази сочувство до семејството на починатиот. „Како може некој да умре вака, на пат кон дома од кошаркарски натпревар? Нападот извршен вечерва во близина на Риети од страна на насилници претворени во убијци кои никогаш не можат да се наречат навивачи е шокантен. Спортот е живот, а овие криминалци се светлосни години далеку од спортските вредности“, напиша Абоди на X.

„Целата заедница на Риети со огорченост го осудува овој гнасен чин кој нема никаква врска со Риети или спортот“, изјави градоначалникот Даниеле Синибалди на социјалните мрежи, изразувајќи надеж „дека околностите на инцидентот ќе бидат веднаш утврдени и дека правдата ќе биде задоволена“.

Пристигнаа и реакциите од двата клуба. Кошаркарскиот клуб Пистоја објави дека „со ужас ја примиле веста дека еден од двајцата возачи на автобуси кои превезувале навивачи кои се враќале од гостувањето во Риети е убиен“.

„Во светлината на првичните извештаи што се појавија и во исчекување на официјалните наоди, клубот го изразува својот шок од околностите што доведоа до несреќата. Претседателот Џозеф Давид и целиот клуб изразуваат сочувство до семејството на возачот и ја делат тагата со неговите најблиски“, се додава во соопштението.

„Она што се случи по натпреварот против Пистоја нè остава шокирани. Автобусот што ги носеше навивачите, на пат кон дома, беше подложен на неопислив чин: беше каменуван, што резултираше со смрт на еден од возачите на автобусот“, соопшти кошаркарскиот клуб Себастијани.

„Себастијани целосно се дистанцира од она што се случи и изразува најдлабоко сочувство и сочувство до семејството на трагично починатиот возач. Ова е многу сериозна работа и истражителите, во кои имаме целосна доверба, ќе фрлат светлина врз неа. Зборуваме за факти кои немаат никаква врска со спортот и се целосно оддалечени од вредностите што се стремиме да ги почитуваме секој ден како клуб“, истакнаа тие.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни