Невролог предупредува: Овие навики можат да предизвикаат мозочен или срцев удар

Некои навики кои изгледаат безопасно всушност можат да бидат ризични за здравјето на крвните садови. Невролог предупредува дека одредени секојдневни постапки можат, во ретки случаи, да доведат до сериозни последици како мозочен или срцев удар.
Ahmet Misirligul/ Shutterstock

Неврологот д-р Бејбингс Чен, познат и како д-р Бинг, предупредува дека постојат неколку навики кои тој лично ги избегнува бидејќи, иако ретко, можат да го зголемат ризикот од мозочен удар. Овој здравствен проблем настанува кога се прекинува дотокот на крв до мозокот или кога пука крвен сад, што може да доведе до сериозни последици по здравјето. 

Една од навиките на кои тој предупредува е долгото држење на главата силно навалена наназад, особено како при миење коса во фризерски салон. Во таква позиција може да се притиснат или свиткаат артериите на вратот што го снабдуваат мозокот со крв. Во медицината дури постои и поим познат како „синдром на мозочен удар од фризерски салон“. 

Втората навика е силен притисок или удар во пределот на вратот. Во вратот се наоѓаат важни крвни садови – каротидните и вертебралните артерии – кои го снабдуваат мозокот со крв. Ако нивниот ѕид се оштети, може да се формира згрутчување на крвта што подоцна може да стигне до мозокот и да предизвика мозочен удар. 

Третата навика што лекарот ја издвојува е стискањето мозолчиња во т.н. „триаголник на смртта“ на лицето, област што се протега од коренот на носот до аглите на усните. Инфекција во оваа зона, иако ретко, може да се прошири кон мозокот преку вените и да предизвика сериозни компликации. 

Лекарите потсетуваат дека е важно и навреме да се препознаат симптомите на мозочен удар. Најчести знаци се спуштена една страна од лицето, слабост во раката и потешкотии со говорот. Доколку се појават вакви симптоми, потребно е веднаш да се побара медицинска помош бидејќи секоја минута е важна. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни