Некои родители можеби мислат дека нивните деца се чувствуваат сакани поради она што го кажуваат, прават или купуваат. Но, истражувањето спроведено од семејниот советник и познатиот автор на „Петте љубовни јазици“, Гери Чепмен, сугерира поинаку.
Чепмен открил дека 90 отсто од анкетираните деца рекле дека се чувствуваат сакано кога нивните родители си играат со нив. Анкетираните постари деца рекоа дека се чувствуваат повеќе сакани во деновите кога нивните родители им покажуваат повеќе топлина, пофалби и љубов, дури и ако во тоа време биле во конфликт.
За да им помогнат на децата да се чувствуваат сакано, родителите треба да закажат време за игра, пишува ClickOnDetroit. Заедничката игра може да им помогне на родителите подобро да се поврзат со своите деца. Исто така, треба да запомнат активно да ги слушаат своите деца и да им посветат целосно внимание кога зборуваат со нив.
Освен тоа, гушкањето го стимулира ослободувањето на окситоцин, хормон поврзан со љубовта. Создавањето посебна рутина може да направи и децата да се чувствуваат сакано. Рутината може да биде едноставна како правење палачинки секоја сабота наутро или танцување на нивната омилена песна.
Љубовта позитивно влијае на развојот и менталното здравје на детето
Истражувањата покажуваат и дека чувството на љубов има позитивно влијание врз развојот и менталното здравје на детето.
Во 2010 година, истражувачите од Медицинскиот факултет на Универзитетот Дјук открија дека бебињата со многу нежни и внимателни мајки растат во посреќни, поотпорни и помалку анксиозни возрасни.
Во истражувањето учествувале околу 500 луѓе кои биле следени од детството до триесетгодишна возраст. Кога бебињата имаа осум месеци, психолозите ги набљудуваа интеракциите на нивните мајки со нив додека правеа неколку тестови за развој.
Психолозите ја оценија наклонетоста и вниманието на мајката на скала од пет точки, почнувајќи од „негативно“ до „екстравагантно“. Речиси 10 проценти од мајките покажале ниско ниво на приврзаност, 85 проценти покажале нормална количина на приврзаност, а околу шест проценти покажале високо ниво на приврзаност.
Потоа, 30 години подоцна, истите луѓе беа интервјуирани за нивното емоционално здравје. Возрасните чии мајки покажувале „екстравагантна“ љубов биле многу помалку под стрес од другите. Истражувачите вклучени во оваа студија заклучија дека хормонот окситоцин може да биде одговорен за овој ефект.
Извор: index.hr