Со свечен настан одржан во Europe House Скопје, беа доделени наградите од онлајн едукативната игра за човекови права „Навигатор 2.0“, со што беше заокружено овогодинешното издание на проектот, како и одбележувањето на Денот на човековите права и кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Настанот ги обедини добитниците на наградите, претставници на амбасадите на земјите членки на Европската Унија, како и бројни партнери и соработници вклучени во реализацијата на „Навигатор 2.0“. Преку презентација на резултатите од играта и нејзиното влијание, беше истакнато дека ваквите иновативни формати не само што ја подигнуваат свеста за човековите права, туку и ја враќаат довербата во младите како двигатели на позитивни општествени промени.
Во време на зголемени општествени, политички и технолошки предизвици, „Навигатор 2.0“ се покажа како пример дека младите, кога им се понудени соодветни алатки, можат активно, одговорно и креативно да се вклучат во теми кои се исклучително чувствителни и ранливи. Токму преку интерактивни и едукативни пристапи, сложените прашања поврзани со човековите права стануваат разбирливи, блиски и применливи во секојдневието.
Платформата е креирана од Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Europe House во нашата земја, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации и Министерството за образование и наука, и во соработка со гејминг здружението „Галактик Омнивор“ и Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Првата награда ја освои Стефан Атанасовски – Трајковиќ, кој за ТРН истакна: „Човековите права секогаш треба да бидат високо на агендата затоа што никогаш нема гаранција дека тие апсолутно ќе бидат заштитени од ускратување. Во тој контекст, во образованието мораме да интегрираме и нови програми и нови алатки кои соодветно ќе ги едуцираат младите за да превенираме, наместо третираме. Во време кога младите веќе користат ВИ алатки кои им подготвуваат квизови за полесно учење, моделот како Навигатор 2.0 треба целосно да се интегрира и во училиштата.“
Второнаградениот Тео Свинарски ја истакна личната димензија на искуството:„Навигатор 2.0 преку игра ги поттикнува младите, како иницијална каписла за напредок на општеството, да се запознаат со своите права на еден интересен и интерактивен начин. Човековите права не се само теорија на хартија, тие се дел од нашето секојдневие. Преку ова искуство открив кои се нашите права, но и обврските што произлегуваат од нив. Научив дека секој избор што го правиме има последици и дека активното учество на младите е клучно за градење праведна и одговорна иднина.“

Од Македонското здружение на млади правници, Јана Иванова, која е еден од главните соработници на проектот, нагласи: „Навигатор е пример како преку иновативен начин може да се пренесе корисна, едукативна содржина. Правните области, во играта претставени како планети, се избрани внимателно, бидејќи целта беше темите да им се блиски на сите граѓани. Верувам дека при играњето играчите научија нови информации, кои ќе им помогнат при идни пригоди, како на пример во кој закон можат да најдат одговор на правно прашање или во која институција да се обратат за нивната ситуација.“
Од гејминг здружението „Галактик Омнивор“ посочија дека проектот претставува пример за успешна соработка меѓу институциите и креативната индустрија: „Развојот на Навигатор покажува дека квалитетната едукативна содржина може да биде истовремено и забавна и поучна кога интерактивните медиуми се користат промислено. Овој проект е доказ дека соработката помеѓу институцииите и гејм девелоперите може да создаде трајно позитивно општествено влијание.“
Со доделувањето на наградите, „Навигатор 2.0“ уште еднаш потврди дека инвестицијата во знаење, иновација и младински ангажман е еден од клучните начини за градење посензитивно, поправедно и поодговорно општество.



