Наведната глава сабја не ја сече

Да ја зачуваме главата – или чистиот образ?

„Наведната глава сабја не ја сече“ не е само поговорка. Таа е огледало на македонското општество. Преживувачка логика што со текот на времето се претвори во вредносен код, а чинот не е веќе реакција на страв – туку научено однесување.

Со децении ја повторуваме како практична мудрост, како стратегија за преживување, сè додека наведнувањето не стана навика, а навиката – идентитет. Толку се навикнавме да ја наведнуваме главата, што полека ја изгубивме способноста да стоиме исправено. Не затоа што не знаеме што е исправно, туку затоа што исправеноста стана непријатна, ризична и „непотребна“ во систем кој го наградува молкот повеќе од достоинството.

Дури и во христијанската мисла „ако те удрат по едниот образ, сврти го другиот“, суштината не е во понижувањето, туку во моралната надмоќ. Во одбивањето да се возврати со истото зло. Но, општественото толкување одамна ја испразни оваа порака од нејзината етичка длабочина. Наместо активна морална позиција, таа се претвори во алиби за неучество, во удобен изговор зошто ништо да не се преземе. Не како чин на духовна сила, туку како колективна комфорност да не се вложи напор, да не се преземе ризик, да не се преземе одговорност.

Во оваа смисла, поговорката не е само културна мудрост, таа е политички симптом. Симптом на поданичка култура во која луѓето растат со чувство дека му должат нешто на системот, дека државата им „дала живот“, па затоа треба да се биде тивок, благодарен и трпелив. Наместо да ја доживуваме државата како заеднички проект што постои за граѓаните, ние ја третираме како надмоќна структура на која ѝ се прилагодуваме. Не затоа што веруваме во неа, туку затоа што се плашиме да ја доведеме во прашање. И така, наведнувањето станува политичка навика, а молкот форма на лојалност.

Ова чувство дека му должиме нешто на системот затоа што „тој ни дал сè“, ја извртува логиката на демократијата. Наместо институциите да му служат на граѓанинот, граѓанинот се прилагодува на институциите.

Од секојдневните, навидум банални сцени: шалтерите на администрацијата, каде што физички се наведнуваме за да зборуваме со оние од „другата страна“. Таму започнува симболиката на моќта: државата стои, граѓанинот се наведнува. Од шалтерот, продолжува до моралот: во прифаќањето на неправдата како „нормална“, во тивкото прилагодување, во моментот кога наведнатата глава е и вредносен роб на членска книшка..

Токму тука станува јасно зошто ова не е само прашање на културна навика, туку на длабока морална загуба. Кај Кант, достоинството не е нешто што се стекнува, туку нешто што не смее да се загуби – дури ни по цена на удобноста. Човекот, вели тој, не смее да биде средство, туку цел сама по себе. А поданичките култури го прават токму спротивното: го претвораат човекот во средство за одржување на „редот“, стабилноста и привидниот мир, додека од него бараат само едно – да не се исправи.

Наведенатата глава можеби навистина не ја сече сабјата, но со текот на времето ја крши кичмата. И не само индивидуалната, туку колективната. Молчењето можеби нè штити поединечно, но го остава општеството незаштитено. Општество што го пренесуваме како наследство на идните генерации: генерации воспитани да не прашуваат, да не се бунат, да не ризикуваат. Да бидат послушници наместо граѓани.

Можеби затоа оваа приказна ретко има среќен крај. Не затоа што честта е бесмислена, туку затоа што оние што одлучуваат да ја носат најчесто плаќаат цена. Во реалност каде речиси сè може да се разменува ( позиција, влијание, тишина), токму она што не подлежи на пазар станува најтешко за зачувување.

Материјалното се прилагодува, телото се навикнува, но моралното не трпи компромис. Честа не се позајмува и не се продава – таа или е присутна, или исчезнува. И токму затоа, кога човек ќе остане сам со себе; без публика, без изговори, без системски алиби – вистинското прашање не е дали главата е зачувана, туку дали образот е чист.

Прашањето, на крајот, не е што е попаметно – да се наведнеш или да се исправиш. Прашањето е што сакаме да оставиме зад себе: општество на преживеани или заедница на луѓе со морал и интегритет. Затоа што секое наведнување денес станува норма утре, а секоја тишина се вградува во системот што им го оставаме на оние по нас. Зашто сабјата можеби промашува понекогаш, но времето никогаш.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни