Од „Санденс“ до Скопје: Наум Доксевски за визуелната приказна на „ДЈ Ахмед“

Уште од самиот почеток на подготовките за филмот, со Георги разговаравме дека сакаме визуелниот јазик да произлегува од автентичноста на ликовите и нивното опкружување – односно од јуруците и нивниот свет. Токму врз тоа ја градевме секоја сцена, посветувајќи внимание на боите, светлото и сите останати визуелни елементи. Тие детали ни овозможија да навлеземе во светот на Ахмет и да пренесеме нешто што зборовите не би можеле – емоции, атмосфера, ритам на секојдневието, но и скриени чувства кои ги носат ликовите

Во време кога филмот станува мост меѓу различните култури, разговараме со Наум Доксевски – кинематографот на филмот Дј Ахмед. Со сензибилитет кон приказните кои ретко добиваат простор во јавноста, Наум ја користи камерата како алатка не само за визуелно истражување, туку и за емпатија. Во ова интервју зборуваме за улогата на уметноста во рушење на стереотипи, за значењето на филмот како социјален коментар и за иднината на македонската кинематографија во која Наум гледа светла перспектива.

Трн: Камерата во филмот често се чувствува како набљудувач, но и како соучесник. Како го дефинираше тој однос помеѓу камерата и ликот?

Наум: Најважно ми беше камерата да биде ненаметлив сведок на приказната. Треба да им овозможи на гледачите што појасно да ја почувствуваат емоцијата од ликовите. Кога тоа ќе се пренесе на платно и ќе допре до публиката, за мене, како директор на фотографија, претставува најголемо задоволство. А бидејќи ликовите во „Диџеј Ахмет“ се толку добро изградени, камерата само требаше да го најде вистинскиот начин да ја пренесе нивната приказна.

Трн: Колку размислуваше за симболика во кадрите? Има ли сцени каде визуелниот јазик кажува нешто што не е кажано со зборови?

Наум: Уште од самиот почеток на подготовките за филмот, со Георги разговаравме дека сакаме визуелниот јазик да произлегува од автентичноста на ликовите и нивното опкружување – односно од јуруците и нивниот свет. Токму врз тоа ја градевме секоја сцена, посветувајќи внимание на боите, светлото и сите останати визуелни елементи. Тие детали ни овозможија да навлеземе во светот на Ахмет и да пренесеме нешто што зборовите не би можеле – емоции, атмосфера, ритам на секојдневието, но и скриени чувства кои ги носат ликовите.

Трн: Критиките го истакнуваат визуелниот контраст меѓу традиционалното село и модерниот рејв – како го градеа тој контраст визуелно?

Наум: Контрастот помеѓу двата света е еден од клучните моменти во филмот, па затоа и визуелниот контраст беше многу важен за нас. За да ја пренесеме автентичноста на средината во која Ахмет живее, избравме подокументаристички пристап. За спротивниот свет – модерниот рејв – ја пуштивме имагинацијата подалеку и создадовме сцена која е драстично различна од селската реалност. Атмосферата на рејв забавата, со голема бина, многу светла во боја и луѓе кои се забавуваат, сама по себе е сосема поразлична од тивкото, интимно секојдневие во селото, и токму тој контраст сакаме да го почувствува публиката.

Трн: Кога го гледаш филмот сега – кој момент ти е најемотивен, или на кој дел си најгорд?

Наум: Можам да ја издвојам сцената со бакнежот помеѓу Ахмет и Аја. За мене, таа сцена буди силни емоции. Истовремено беше и предизвикувачка за снимање – ја снимивме под многу неповолни временски услови, со силен дожд што моравме да го криеме, и на многу ветровито и ладно време. Но, на крај, сцената испадна одлично и се надевам ќе и’ се допадне на публиката.

Трн: Со оглед на тоа дека снимавте со аматери и деца, колку мораше визуелниот пристап да се прилагодува на нивната спонтаност и непредвидливост?

Наум: Прилагодувањето на дадената ситуација за мене секогаш претставува инспирација – можност да се најде некој агол или позиција на камерата која претходно можеби не сме ја виделе. Тоа ми отвора простор за нешто повозбудливо и подобро, за нови начини да ја раскажеме приказната. Од друга страна, имавме привилегија да работиме со исклучително талентирани актери, кои иако голем дел од нив првпат застанаа пред камера, се однесуваа како вистински професионалци. За мене беше привилегија да работам со Ариф Јакуп (Ахмет), Агуш Агушев (Наим), Дора Златанова (Аја) и сите останати актери, кои внесоа искреност и живот во секоја сцена.

Трн: Филмот веќе освои неколку награди на реномирани фестивали. Какво е чувството да се види дека филмот комуницира со публика надвор од Македонија?

Наум: Реакцијата на публиката на премиерата на „Санденс“ оваа година никогаш нема да ја заборавам. Секоја наредна проекција беше вистинско уживање гледајќи како публиката навистина се поврзува со приказната. Исто така, реакциите на регионалната премиера на Сараево филм фестивал беа феноменални. Таму, како дел од екипата, имав чест лично да ги слушнам позитивните коментари на гледачите.

Трн: По одличните критики надвор од Македонија – дали чувствуваш дека интернационалната публика го гледа со други очи од локалната и што мислите дека најмногу ги трогна гледачите?

Наум: Мислам дека универзалноста на приказната, прераскажана на специфичен начин и преку автентичноста која јуруците ја носат, го прави филмот интересен за публика од најразлични места. Во Америка, публиката беше воодушевена и реагираше одлично, а истото можам да го кажам и за регионалните проекции. Сега останува да видиме каква ќе биде реакцијата на домашната публика.

Трн:Каква улога мислиш дека има уметноста, особено филмот, во менување на перцепциите за „другиот“?

Наум: Филмот и уметноста имаат голема моќ да ги менуваат перцепциите за „другиот“. Преку автентични приказни гледачите можат да почувствуваат нешто што инаку не би го искусиле. Така, филмот може да ги надмине предрасудите и да ја покаже човечноста кај луѓето кои се различни од нас.

Трн: Како гледаш на иднината на македонската кинематографија и каде се гледаш себеси во неа?

Наум: Мислам дека последниве неколку години правиме голем исчекор во македонската кинематографија. Како фела, треба да се обединиме и да се радуваме на заедничките успеси, кои во последно време се навистина значајни и ги имаме сè почесто. Сведок сум на генерација филмаџии кои работат со огромна страст, желба и талент, и сакам да бидам оптимист и да верувам во подобри времиња за македонската кинематографија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни