Студија од австралискиот универзитет Едит Кауан тврди дека ентропијата – процесот на бавно и неизбежно стареење – може да се забави со патување. Според истражувањето, многу елементи на патувањето – како запознавање нови луѓе, подобро спиење, нови животни искуства, како и учество во активности како јога или спа третмани, помагаат во борбата против стареењето.
„Туризмот не е само за одмор и рекреација“, вели авторот на студијата Фангли Ху. „Тоа може да придонесе и за физичкото и менталното здравје на луѓето.“
Авторите на студијата истакнуваат дека процесот на стареење не може да биде променет, но дека многу работи влијаат врз тоа со колкава брзина истиот се одвива, а дека шетањето е еден начин за негово забавување.
Според истражувачето, водењето на здрав живот, комбинирано со патување, ги подобрува физичкото и менталното здравје, а откривањето на нови средини и уживањето во пејзажите на плажите или шумите го намалува нивото на стрес.
„Патувањето промовира физичка активност, како што се пешачење, планинарење или возење велосипед, што го подобрува кардиоваскуларното здравје, мускулната сила и целокупната благосостојба. Исто така, може да поттикне социјална интеракција, без разлика дали со локалното население или со придружниците на патување, што може да го подобри расположението, да го намали чувството на осаменост и да ја подобри когнитивната функција“ вели Ху.