Научник од Јапонија разви технологија што ги претвора менталните слики во текст

Јапонски научник разви нова техника која, со помош на мозочни скенови и вештачка интелигенција, може да ги претвори менталните слики на човек во описни реченици.

Методот, наречен „mind-captioning“, е објавен во списанието Science Advances и претставува значаен напредок во обидите за „читање“ на визуелната содржина што ја создава човечкиот мозок.

Авторот на студијата, Томојаcу Хорикава од истражувачките лаборатории на NTT во близина на Токио, анализирал мозочна активност кај шест доброволци, скенирајќи ги со fMRI додека гледале повеќе од 2.000 кратки видеа без звук. Потем, користејќи големи јазични модели и посебно обучени „декодери“, AI системот успеал да создава текстуални описи што со голема точност ја одразуваат визуелната содржина која учесниците ја гледале или ја присетувале.

Интересно е што алатката генерирала описен текст на англиски јазик, иако испитаниците биле мајчински говорници на јапонски. Методот не се потпира на јазичните центри во мозокот, што значи дека потенцијално може да се применува кај пациенти со оштетувања во тие региони – на пример лица со афазија или со АЛС, кои имаат ограничена можност за говор.

Стручњаците велат дека ваквата технологија може да донесе „длабоки интервенции“ за луѓе кои не можат да комуницираат, вклучувајќи и лица од аутистичниот спектар кои се невербални. Но, воедно предупредуваат дека отвора сериозни етички прашања – од приватност на мислите, до можност за злоупотреба доколку ваквите методи некогаш бидат комерцијализирани.

Експертите истакнуваат дека ова е „крајниот тест“ за ментална приватност, особено во време кога компании како Neuralink најавуваат неврални импланти за поширока употреба. Се предлага воведување строги протоколи, барање експлицитна согласност и развивање на безбедносни механизми со кои корисникот сам ќе го „отклучи“ декодирањето.

Иако потенцијалот е огромен, Хорикава нагласува дека практичната примена сè уште е далеку. Методот бара големи количини индивидуални мозочни податоци, долги сесии и внимателна соработка на испитанците, а при тоа системот моментално работи најдобро со вообичаени визуелни сцени. Не е сигурно дали може да препознае ретки, неочекувани или апстрактни ментални слики.

„Не треба да се стравува дека оваа технологија може да чита приватни мисли“, вели Хорикава. „Во сегашната форма тоа е практично невозможно. Но за науката и за клиничките потреби – можностите се навистина значајни.“

Извор: CNN

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни