Истражувачи од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и Институтот „Френсис Крик“ направија историски чекор во биомедицината – за првпат снимија во 3D како се формира срце во жив ембрион на глушец, идентификувајќи го потеклото на срцевите клетки.
Со помош на напредна техника на светлосна микроскопија, научниците детално ги следеле поединечните клетки во период од два дена, почнувајќи од фазата наречена гаструлација – клучен момент кога клетките почнуваат да се специјализираат и да ги формираат основните структури на телото, меѓу кои и срцето.
„Ова е првпат да можеме толку долго и детално да ги набљудуваме срцевите клетки во развој. Она што го откривме беше навистина неочекувано“, изјави д-р Кензо Ивановиќ, главен автор на студијата објавена во реномираното научно списание The EMBO Journal.
Истражувањето може да има големо влијание врз разбирањето на вродените срцеви мани кај луѓето, но и да отвори нови можности за третмани преку генска терапија, како и развој на ткива во лабораторија.
Според научниците, ова е само почеток на нова ера во истражувањето на срцето и ембрионалниот развој.