Дури и речиси пет години откако се појави Ковид за прв пат, меѓународната заедница сè уште со сигурност не утврдила каде точно се појавил вирусот.
Првите случаи беа откриени во кинескиот град Вухан на крајот на 2019 година, но имаше остри поделби меѓу застапниците на двете главни теории.
Едната е дека вирусот протекол од лабораторија во Вухан која проучувала слични вируси, додека другата е дека луѓето добиле Ковид од заразено диво животно кое било продадено на локален пазар.
Научната заедница ја фаворизира втората теорија, но контроверзите продолжуваат.
Студијата, објавена во списанието Cell, се заснова на повеќе од 800 примероци собрани од пазарот за Хуанан во градот Вухан, каде се верува дека има диви цицачи.
Примероците беа собрани во јануари 2020 година, откако пазарот беше затворен и не беа земени директно од животни или луѓе, туку од површините на тезгите и одводите.
Од овој тип на податоци, кои ги споделуваат кинеските власти, „не можеме со сигурност да кажеме дали животните на пазарот се заразени или не“, изјави за AFP еден од авторите на студијата, Флоренс Дебар.
Сепак, „нашата студија потврдува дека на овој пазар на крајот на 2019 година имало диви животни, особено оние кои припаѓаат на видови како што се ракунолики кучиња и цибети“, вели биологот од француската истражувачка агенција CNRS.
„И овие животни беа лоцирани во југозападниот агол на пазарот, што е и просторот каде што е откриена голема количина на вирусот SARS-CoV-2, кој предизвикува ковид-19“, вели Дебар.
Овие мали цицачи можат да се заразат со вируси слични на човекот, поради што се сомнева дека служеле како посредни домаќини на вирусот помеѓу луѓето и лилјаците, од кои се сомнева дека потекнува вирусот SARS-CoV-2.
Присуството на овие животни на пазарот Хуанан претходно беше спорно, и покрај некои фотографски докази и студија од 2021 година.
Голема површина од една тезга била позитивна на вирусот кој предизвикува ковид, вклчувајќи и количка за животни, кафез, количка за отпад и машина за отстранување на влкна и пердуви, се наведува во студијата.
„Овие примероци содржеа повеќе ДНК на диви цицачи отколку човечка ДНК“, се додава.
ДНК од цицачи беше пронајдена во примероците позитивни за ковид од овој штанд, вклучително и ДНК од бамбусови стаорци и верверички.
„Овие податоци покажуваат или дека животните од овој штанд го пренеле SARS-CoV-2, кој е откриен на опрема за животни или дека раните непријавени случаи на КОВИД-19 кај луѓето го пренеле вирусот на точно иста локација како и откриените животни“, се вели во студијата.
Истражувањето, исто така, потврдува дека „најновиот заеднички предок“ на вирусот пронајден во примероците на пазарот е „генетски идентичен“ со оригиналниот вид на пандемија.
„Тоа значи дека првата варијанта на вирусот е веќе пронајдена на пазарот, што е и очекувано доколку ова е местото каде што се појавил вирусот“, објаснува Дебар.
Џејмс Вуд, епидемиолог за заразни болести на Универзитетот во Кембриџ, кој не бил вклучен во истражувањето, рече дека студијата „обезбедува многу силни докази дека тезгите со диви животни на пазарот Хуанан во Вухан се епицентарот на избувнувањето на пандемијата”.
Истражувањето беше важно бидејќи малку или ништо не е направено за да се ограничи трговијата со диви животни, како и против загубата на биодиверзитетот или промената на користењето на земјиштето, кои се вистинските потенцијални причини за појавување на минатите и идните пандемии.
Извор: Н1