Научници развија иновативен третман базиран на наночестички кој успешно ги преокренал симптомите на Алцхајмерова болест кај глувци, отворајќи нова надеж во борбата против оваа тешка болест. Истражувањето е спроведено од тим на Институтот за биоинженеринг на Каталонија (IBEC) и Болницата на Западна Кина при Универзитетот Сичуан, пренесува Futurism.
Поправка на крвно-мозочната бариера – клучниот чекор
Кај Алцхајмеровата болест, крвно-мозочната бариера — која нормално го штити мозокот од токсини — станува пропустлива, овозможувајќи навлегување на штетни материи и акумулација на протеинот амилоид-бета, кој го нарушува природниот систем за чистење на мозокот.
Новата терапија со “супрамолекуларни лекови” успева да ја обнови оваа бариера и истовремено овозможува амилоид-бета протеините да се елиминираат преку крвотокот.
Импресивни резултати кај глувци
Во серија експерименти на глувци со генетски модифицирани симптоми на Алцхајмерова болест, примената на новата терапија резултирала со брзо намалување на амилоид-бета протеинот за 50–60% во рок од само еден час по инјекцијата.
„Видовме скоро моментално намалување на нивото на амилоид-бета во мозокот“, изјави еден од истражувачите од тимот во Сичуан.
Нов пристап во борбата со болеста
Главниот истражувач, Џузепе Баталија, истакна дека поголемиот дел од сегашните третмани се фокусирани на отстранување на амилоид-бета, но тоа не секогаш го стопира губењето на меморијата.
„Ние предлагаме поинаков пристап: наместо само да се обидуваме да ги отстраниме штетните супстанции, целта ни е да ја поправиме инфраструктурата која го одржува мозокот здрав – крвните садови и заштитната бариера“, рече Баталија.
Долгорочни резултати
Особено охрабрувачки се наодите дека ефектите од третманот биле долгорочни. Глушец со старост еквивалентна на 90-годишен човек повторно покажал однесување типично за здрав глушец, дури шест месеци по терапијата.
„Се чини дека кога ќе се обнови васкуларниот систем, мозокот започнува сам да ги чисти токсините и повторно воспоставува рамнотежа“, објасни истражувачот.
Сè уште далеку од примена кај луѓе
Иако резултатите се импресивни, експертите предупредуваат дека се потребни уште многу истражувања пред технологијата да може да се применува кај луѓето.
„Има многу обиди за развој на методи за пренос на лекови преку крвно-мозочната бариера, но безбедноста и ефикасноста кај луѓето сè уште не се потврдени“, рече портпаролката на Американската асоцијација за Алцхајмерова болест, Кортни Клоске.