Научниците потврдија дека со древниот Перу владееле жени

Фото: Lisa Trever

Во Перу, археолозите открија престолна соба и детално насликани ѕидови што укажуваат дека општеството Моче, пред повеќе од 1.300 години, веројатно било управувано од жена.

Археолошкиот локалитет обезбеди дополнителен доказ дека матријархатот бил систем на владеење во античката цивилизација Моче на северозападниот брег на Перу.

Собата со столбови, откриена на археолошкиот локалитет Панамарка, содржи истрошен камен трон и ѕидни мурали, прикажувајќи моќна жена со круна која прима посетители.

Откриената локација е стара повеќе од 1.300 години, а откритието би можело да укаже дека во областа живеела жена која веројатно била владетел, рече Џесика Ортиз Зевалос, директорка на истражување за археолошкиот проект.

„Собата на престолот за кралицата никогаш досега не била видена на локацијата Панамарка или на кое било друго место во древниот Перу“, објавија членовите на тимот од локацијата во септември.

Панамарка е најјужниот центар на општеството Моче, кое живеело во крајбрежните долини на северен Перу, приближно помеѓу 350 и 850 година од нашата ера.

Откритието потсетува на Дамата од Као, жена за која се верува дека владеела со цивилизацијата Моче пред 1.700 години. Нејзиното лице е реконструирано во 2017 година со помош на 3D печатење, врз основа на черепот на древна мумија откриена десет години порано во долината Чикама, која се смета за центар на културата Моче.

Дамата на државата Као е опишана од археолозите како првата позната жена владетелка во Перу. Ова најново откритие е уште еден доказ дека жените имале авторитет во општеството Моче, не само поради прикажувањето на кралицата на муралите, туку и поради присуството на човечка коса и траги од употреба на камениот трон.

„Панамарка продолжува да не изненадува“, вели Лиза Тревор, професорка по историја на уметност на Универзитетот Колумбија „Не само поради непрестајната креативност на нејзините сликари, туку и затоа што нивните дела ги поништуваат нашите очекувања за родовите улоги во античкиот свет на оваа цивилизација“.

Локалитетот Панамарка, каде што беше откриена собата со тронот во јули, е позната по своите шарени мурали.

Соседната соба со поглед на плоштадот беше именувана како „Комора на испреплетени змии“ поради фреска на која е прикажана фигура чии нозе се испреплетени со змии. Многу други мурали во таа соба прикажуваат воини и чудовишта како бркаат човек.

„Сè е насликано и фино украсено со митолошки сцени и фигури“, изјави археологот Хозе Охатома за Ројтерс, споредувајќи ја просторијата со Сикстинската капела во Ватикан, позната по библиските фрески насликани од италијанскиот уметник Микеланџело.

Муралите „прикажуваат сцени кои припаѓаат на идеологијата на Моче“, рече Охатома, додавајќи дека тие даваат редок поглед на културата на крајбрежниот регион пред шпанското освојување на Јужна Америка.

„Откриваме иконографија што досега не била видена во предхиспанскиот свет“, додаде Охатома.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни