Откритието, објавено во списанието Nature Materials, значително го проширува разбирањето на водата, супстанцијата клучна за живот и би можело да обезбеди нови сознанија за составот на далечните ледени светови како Титан и Ганимед.
Досега се познати дваесет различни структури на мраз, меѓу кои се хексагоналниот, кубниот и таканаречениот суперионски мраз, кој се наоѓа во внатрешноста на планетите Уран и Нептун. За разлика од повеќето облици, што бараат екстремно ниски температури, мразот XXI се создава на собна температура – но под притисок дури 20.000 пати поголем од атмосферскиот.
Истражувањето било спроведено во соработка меѓу Корејскиот институт за стандарди и наука (KRISS), Европскиот рендгенски ласер XFEL и Германскиот електронски синхротрон (DESY).
Научниците користеле т.н. „дијамантска клетка со наковална“, со која ја изложиле водата на притисок од два гигапаскали, што довело до создавање на нова, исклучително густа кристална структура. Процесот бил следен со помош на XFEL – најмоќниот рендгенски ласер во светот кој ги бележел промените во интервали од само неколку микросекунди.
„Со помош на уникатните рендгенски импулси на Европскиот XFEL откривме повеќе патишта на кристализација на водата, која повеќе од илјада пати брзо се компресирала и декомпресирала,“ изјави водачот на истражувањето Ѓун Ву Ли.
Научниците веруваат дека мраз XXI претставува преминска фаза помеѓу течната вода и егзотичните облици на мраз што се претпоставува дека постојат во внатрешноста на ледените месечини.
„Брзата компресија овозможува водата да остане течна дури и при притисоци на кои нормално би се замрзнала,“ објаснува Ли.
Неговата колешка, Рејчел Хасбенд од DESY, додава дека ова откритие отвора можност за постоење на уште повеќе високотемпературни, нестабилни форми на мраз.
Овие сознанија, велат научниците, би можеле да помогнат во подобро разбирање на внатрешната структура на ледените месечини и планетите во Сончевиот систем, но и во развојот на нови материјали на Земјата.
Извор: N1info.rs
 
				 
				 
								 
								 
								 
								