Ова е најмасивното спојување на црни дупки досега детектирано преку гравитациони бранови и ги натера физичарите да ги преиспитаат постоечките модели за формирање на вакви гигантски објекти. Сигналот е регистриран благодарение на исклучително чувствителни детектори на Земјата кои можат да забележат вибрации помали и од ширината на еден протон.
„Ова се најнасилните настани што можеме да ги набљудуваме во универзумот, но кога ќе стигнат до Земјата, тие се најслабите сигнали што можеме да ги измериме,“ изјави проф. Марк Ханам од Универзитетот во Кардиф.
Доказите за судирот пристигнале на 23 ноември 2023 година, нешто пред 14 часот по британско време, кога истовремено се активирале два детектори на ЛИГО (LIGO) во САД – во Вашингтон и Луизијана. Детекторите за момент биле растегнати и стиснати од гравитациониот бран, фаќајќи ја фазата кога новонастанатата црна дупка „трепери“ пред да се стабилизира.
Според анализите, масите на црните дупки биле 103 и 137 пати поголеми од масата на Сонцето, а ротирале околу 400.000 пати побрзо од Земјата – речиси до теоретската граница за вакви објекти.
„Ова се најмасивните црни дупки што досега сме ги измериле преку гравитациони бранови,“ додаде Ханам. „Она што ги прави посебни е тоа што нивната маса се наоѓа во опсегот во кој, според сегашната физика, не би требало да постојат црни дупки.“
Се претпоставува дека овие црни дупки самите настанале со претходни спојувања, што би објаснило и зошто се толку масивни и толку брзо ротираат. Претходно имало индикации за вакви сценарија, но ова е најекстремниот пример досега.
До денес, научниците регистрирале околу 300 спојувања на црни дупки преку гравитациони бранови. Претходниот рекорд изнесуваше објект од 140 сончеви маси, но новооткриената црна дупка достигнува дури 265 маси на Сонцето.
Откритието ќе биде претставено на конференцијата GR-Amaldi која се одржува во Глазгов.
Овој пробив уште еднаш ја потврдува револуционерната улога на гравитационите опсерватории, кои овозможија увид во досега невидливи делови од универзумот. Според проф. Ханам, идните детектори што се планираат во наредните 10 до 15 години ќе можат да регистрираат буквално секое спојување црни дупки во универзумот – и веројатно ќе донесат уште многу изненадувања.