Научници од Масачусетскиот институт за технологија (MIT) откриле дека долговечноста на овој материјал не лежи само во неговиот состав, туку и во начинот на подготовка.
Римјаните биле вистински мајстори на инженерството. Нивните аквадукти и куполи се изградени од таканаречен „пуцолански бетон“, мешавина од вулкански пепел и вар, позната по својата издржливост. Но, новите истражувања покажуваат дека старите градители користеле уникатна техника што денес се нарекува „жешко мешање“.
Истражувачкиот тим на професорот Адмир Масич забележал мали бели грутки вар во древните примероци од бетон пронајдени во Привернум, Италија. Претходно се сметало дека тие се последица на слабо мешање, но научниците заклучиле дека се намерно вметнати во смесата.
Наместо да користат гасена вар, Римјаните директно мешале брза вар со вулкански пепел и вода на високи температури. Овој процес овозможувал побрзо стврднување и создавање на материјал со уникатни хемиски врски што му даваат исклучителна цврстина.
„Високите температури предизвикуваат реакции што не би можеле да се случат со традиционален цемент. Резултатот е материјал што не само што е поиздржлив, туку и сам се обновува,“ објаснува Масич.
Кога во бетонот се појавуваат пукнатини, тие природно водат кон варовите грутки. Контактот со вода предизвикува хемиска реакција што создава калциум-карбонат, кој ја пополнува и зацврстува пукнатината, ефект што во пракса му овозможува на римскиот бетон сам да се „поправа“.
Овој феномен е забележан и во гробницата на Цецилија Матела, каде што пукнатините во ѕидовите се природно исполнети со калцит, како и во античките пристанишни конструкции што и денес го издржуваат ударот на морето.
Експериментите на MIT покажале дека бетон направен по римскиот рецепт може самостојно да затвори пукнатини за две недели, додека современиот бетон останува оштетен.
Тимот сега работи на развој на современ бетон инспириран од римската формула, кој би бил подолготраен и еколошки поодржлив. Иако процесот бара повеќе вода и енергија во почетокот, неговата долговечност би можела драстично да го намали вкупниот еколошки отпечаток и да го продолжи животниот век на идните градби.
Извор:N1info.rs
 
				 
				 
								 
								 
								 
								