Научници: Зелениот чај може да го забави стареењето на мозокот

Секојдневното консумирање зелен чај може да придонесе за поспоро стареење на мозокот, покажува ново истражување спроведено во рамки на студијата DIRECT PLUS, во која учествувале околу 300 возрасни лица во период од 18 месеци.
Фото: ededchechine/Freepik

Учесниците биле поделени во три групи со различен начин на исхрана, а најдобри резултати покажала групата која следела т.н. „зелено-медитеранска“ диета, богата со полифеноли, јаткасти плодови и со три до четири шолји зелен чај дневно.

Научниците забележале позитивни промени во биомаркерите поврзани со здравјето на мозокот. Посебно значајно било намалувањето на протеинот галектин-9, кој вообичаено се врзува со „постар“ мозочен профил.

Иако на стандардните когнитивни тестови не била утврдена јасна разлика, резултатите укажуваат на биолошки сигнали дека зелениот чај и исхраната богата со полифеноли создаваат поволни услови за мозочна функција.

Истражувачите предупредуваат дека поголемиот дел од испитаниците биле мажи со метаболички ризици, па заклучоците не може целосно да се генерализираат.

Сепак, главната порака е практична – вклучувањето на зелениот чај во рамки на медитеранскиот начин на исхрана може да биде едноставен и корисен чекор за зачувување на здравјето на мозокот.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни