Научници предупредуваат: Порастот на CO₂ во атмосферата го менува хемискиот состав на човечката крв

Порастот на јаглерод диоксидот (CO₂) во атмосферата на Земјата веќе е мерлив и во човечката крв, покажува ново истражување објавено од научници кои анализирале здравствени податоци собирани во период од 20 години во САД.

Според анализата, објавена од порталот ScienceAlert, забележани се суптилни, но конзистентни промени во хемискиот состав на крвта, кои се во согласност со зголемената изложеност на CO₂.

Иако засега промените не се опасни, моделите на истражувачите покажуваат дека, доколку трендот продолжи, одредени вредности би можеле да се приближат до границите на здравиот опсег околу 2076 година.

Постепени промени во хемијата на крвта

„Она на што сведочиме е постепена промена во хемијата на крвта што го одразува порастот на атмосферскиот јаглерод диоксид, главниот двигател на климатските промени“, изјави респираторниот физиолог Alexander Larcombe од Универзитетот Кертин во Австралија.

Тој предупредува дека, ако сегашните трендови продолжат, просечните нивоа на бикарбонати во крвта би можеле да ја достигнат горната граница на денешниот здрав опсег во следните 50 години. Истовремено, нивото на калциум и фосфор би можело да се намали кон долната граница подоцна во текот на векот.

Трагата на CO₂ во крвта

Фосилните записи покажуваат дека нивото на атмосферски CO₂ било релативно стабилно најмалку 150.000 години од историјата на Homo sapiens, движејќи се меѓу 280 и 300 честички на милион (ppm). Но, во последните децении е забележан драматичен раст – од околу 369 ppm во 2000 година на приближно 420 ppm денес.

Во човечката крв, CO₂ се претвора во бикарбонат – соединение кое во нормални концентрации помага во одржување на стабилна pH-вредност. Ларкомб и неговиот колега, геонаучникот Phil Bierwirth од Австралискиот национален универзитет, претпоставиле дека токму бикарбонатот може да биде индикатор за нивото на CO₂ во атмосферата.

За да ја проверат хипотезата, тие ги анализирале податоците од американското Национално истражување за здравје и исхрана (NHANES), во рамки на кое биле собирани примероци од крв од околу 7.000 Американци на секои две години меѓу 1999 и 2020 година.

Резултатите покажале дека просечната концентрација на бикарбонати во крвта пораснала од 23,8 на 25,3 милиеквиваленти на литар – зголемување од околу 7 проценти. Истовремено, нивото на калциум опаднало за 2 проценти, а фосфорот за 7 проценти.

Овие промени се објаснуваат со фактот дека растворениот CO₂ во крвотокот ја менува киселинско-базната рамнотежа. За да ја одржи pH-вредноста во тесниот здрав опсег, телото задржува бикарбонати, а коските можат да ослободуваат минерали како калциум и фосфор за да ја ублажат киселоста.

Може ли телото да се прилагоди?

Иако засега промените се мали и во граници што телото може да ги толерира, истражувачите предупредуваат дека истовремениот раст на CO₂ и бикарбонатите е значаен сигнал.

„Мислам дека она што го гледаме е последица на тоа што нашите тела не успеваат целосно да се прилагодат. Се чини дека сме адаптирани на опсег на CO₂ во воздухот кој сега е надминат“, вели Бирвирт.

Според него, нормалниот опсег одржува чувствителна рамнотежа меѓу количеството CO₂ во воздухот, pH-вредноста на крвта, брзината на дишење и нивото на бикарбонати. Бидејќи концентрацијата на CO₂ денес е повисока од било кога во историјата на човештвото, можно е дел од него да се акумулира во организмот.

„Можно е никогаш целосно да не се прилагодиме, што ја прави клучна потребата од ограничување на атмосферските нивоа на CO₂“, заклучуваат научниците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни