Истражувачкиот тим на професорката Елоиз Мараис од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) започнал да ги следи активностите поврзани со вселената во 2020 година. Нивните најнови податоци покажуваат дека во 2024 година се извршени 259 лансирања на ракети, а во 2023 година 223 лансирања, при што се согорени над 153.000 тони гориво.
Мараис за Guardian изјави:
„Се испуштаат повеќе загадувачи во атмосферата од ракети и сателити отколку кога било досега. Сме влезени во непозната територија, бидејќи човештвото никогаш досега не внело толку многу загадување во горните слоеви на атмосферата. Ако не се регулира, ова може да има сериозни последици врз Земјината атмосфера.“
Истражувачите откриле дека лансирањата на мега-созвездија на комуникациски сателити, како Starlink, OneWeb и Thousand Sails, довеле до тројно зголемување на емисиите на јаглерод диоксид и саѓи – загадувачи кои директно влијаат врз климата.
Иако вкупната количина на CO₂ и саѓи од ракети е значително помала од онаа на други индустрии, научниците предупредуваат дека честичките остануваат во горните слоеви на атмосферата многу подолго од оние од копнени извори, предизвикувајќи до 500 пати поголемо климатско загревање од истата количина загадувачи што доаѓаат од авијацијата или од површината на Земјата.
Мараис објаснува
„Количината на погонско гориво користено за лансирање мега-созвездија го надмина вкупното гориво користено за сите други мисии заедно. Мешавината на загадувачи веројатно ќе се промени во иднина со доаѓањето на мега-созвездијата на Amazon Kuiper, кои планираат да користат ракети на Европската вселенска агенција што работат со цврсто гориво и испуштаат хлорни соединенија што ја оштетуваат озонската обвивка.“
Доктор Конор Баркер од UCL додава:
„Во следните неколку децении се планираат уште многу мега-созвездија, што ќе има значително влијание врз климата и може да го поништи напредокот направен со Монтреалскиот протокол за обновување на озонската обвивка.“
Масовно зголемување на објекти во орбита
Најголемата промена е во бројот на објекти што се лансираат и што се наоѓаат во орбита. Од доцните 1960-ти до 2016 година, во просек се лансираа 100 до 200 објекти годишно. Денес се лансираат илјадници секоја година, и тие имаат ограничен век на траење.
Овој месец многумина гледаа кон ноќното небо за да го следат врвот на метеорскиот дожд Персеиди. Но, исто така, се забележува и сѐ поголем број на сателити, видливи со голо око како мали светли точки што се движат од хоризонт до хоризонт.
Враќањето во атмосферата носи нова закана
Професорот Стјуарт Мартин, претседател на управниот одбор на Националниот вселенски центар на Обединетото Кралство, вели:
„Меѓународното право сè уште функционира според принципите на отворено море. Државата што лансира објект го поседува истиот, и само нејзините закони важат за него во вселената. Тоа е една од причините зошто чистењето на вселенски отпад е толку тешко.“
Многу од овие мега-сателити веќе повторно влегуваат во атмосферата, испарувајќи во ситни и понекогаш хемиски реактивни метални честички.
Тимот од UCL следел 2.539 објекти кои изгореле при повторно влегување во 2024 година, и 2.016 објекти во 2023 година – што вкупно изнесува 13.500 тони материјал, вклучувајќи и делови од ракети и сателити.