Научници оживеаја микроби од мразот на Аљаска стари повеќе од 40.000 години

Научниците извлекле микроби од слоевите мраз во тундрите на Аљаска, од кои некои се стари и повеќе од 40.000 години, и во лабораториски услови постепено ги растопиле за да ги следат ефектите од ова растопување и влијанието на глобалното затоплување, пренесуваат денеска американските медиуми.

Поради глобалното затоплување и загревањето на Арктикот, слоевите мраз почнуваат да се топат, а микробите во нив постепено се будат.

Пермафростот, трајно замрзнатата почва која останува замрзната повеќе од две години, претставува природен фрижидер кој содржи огромни резервоари на јаглерод, а кога тој ќе се топи, микробите во него можат да ослободуваат јаглерод диоксид, метан и други штетни гасови кои придонесуваат за ефектот на стаклената градина, наведува порталот Brighterside.

За да откријат колку брзо овие микроби оживуваат по растопувањето, научниците од Универзитетот во Болдер, Колорадо, ги изложиле на метод на топење со вода и потоа го следеле понатамошниот тек на настаните.

„Овие микроби се како временски капсули и не се само мртви примероци, туку можат многу силно да ослободат јаглерод диоксид“, изјавил истражувачот Тристан Каро.

Студијата открила дека арктичкиот пермафрост не ги ослободува сите свои резерви на јаглерод одеднаш при топењето, туку микробите во него оживуваат постепено и потребно е време пред да започне емисијата на штетни гасови.

Заклучоците од студијата можат да помогнат во создавањето на подетални прогнози за брзината на емисијата на штетни гасови при топењето на Арктикот, а оваа информација укажува на неопходноста од побрзо намалување на согорувањето на фосилни горива кои водат до такви емисии.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни