Истражувачи од Универзитетот во Лајпциг (Германија) и Универзитетот Шандонг (Кина) идентификувале клеточен рецептор GPR133 (познат и како ADGRD1) како клучен за густината на коските преку клетките што ги градат – остеобластите. Претходно варијации во генот GPR133 биле поврзани со густината на коските, што ги насочило научниците кон протеинот што го кодира овој ген.
Тимот спровел тестови на глувци чиј ген бил или отстутен или активиран со хемиска супстанца AP503. Глувците без GPR133 развивале слаби коски слични на симптомите на остеопороза. Меѓутоа, кога рецепторот бил присутен и активиран со AP503, продукцијата и јачината на коските се подобриле.
„Со користење на AP503, кој неодамна е идентификуван како стимулатор на GPR133, успеавме значително да ја зголемиме јачината на коските и кај здрави и кај остеопоротични глувци“, изјавува биохемичарката Инес Либшер од Универзитетот во Лајпциг.
Во овие експерименти, AP503 делува како биолошко „копче“ кое го засилува дејството на остеобластите. Исто така, истражувачите покажале дека супстанцата дополнително ја зајакнува коската кога се комбинира со физичка активност.
Откритието дека рецепторот GPR133 е клучна врска во одржувањето на цврстината на коските претставува значајно откритие. Иако резултатите се добиени на животински модел, процесите веројатно се слични и кај луѓето.
„Ако овој рецептор е оштетен поради генетски промени, глувците покажуваат губење на густината на коските во рана возраст – слично на остеопорозата кај луѓето“, објаснува Либшер.
Истражувачите истакнуваат дека идните третмани би можеле да се користат за зајакнување на здравите коски, но и за обновување на ослабените коски до целосна сила, како во случаите на остеопороза кај жени во менопауза.
Остеопорозата е сериозно заболување што ги погодува милиони луѓе ширум светот. Достапните третмани можат да го забават нејзиниот напредок, но засега не постои лек кој целосно ја лечи болеста.
„Новооткриеното паралелно зајакнување на коските ја покажува големата потенцијална улога на овој рецептор за медицинска примена кај постарите лица“, вели молекуларната биоложка Џулиан Леман од Универзитетот во Лајпциг.
Извор: N1info.rs