Во ново истражување, научниците покажаа дека е можно привремено обновување на имунолошката функција кај постари организми со помош на напредна mRNA технологија.
Научниците направија голем исчекор во разбирањето и потенцијалното забавување на стареењето на имунолошкиот систем. Иако истражувањето засега е спроведено исклучиво на лабораториски животни, резултатите предизвикаа силен интерес во научната заедница бидејќи отвораат врата кон сосема нов пристап во лекувањето на ослабениот имунитет кај повозрасните лица.
Истражувањето го спроведе меѓународен тим научници предводен од истражувачи од Broad Institute на MIT и Харвард, во соработка со Massachusetts Institute of Technology и неколку европски истражувачки центри специјализирани за молекуларна биологија и имунологија. Целта на студијата била да се пронајде начин за надоместување на губењето на функцијата на тимусот, орган клучен за развојот на Т-лимфоцитите, едни од најважните клетки на имунолошкиот систем.
Зошто тимусот е важен?
Тимусот е исклучително активен во детството и младоста, но уште во раната зрелост почнува постепено да се намалува и да ја губи својата функција. Последица на тоа е намалено производство на нови Т-клетки, поради што постарите луѓе имаат послаб имунитет, послаб одговор на вакцини и поголем ризик од инфекции, хронични воспаленија и малигни заболувања.
Наместо обид за регенерација на самиот тимус, што досега се покажало како исклучително сложено и ризично – научниците избрале поинаков, иновативен пристап.
Клучот е во сигналните протеини
Во првата фаза, тие ги споредиле имунолошките системи на млади и стари глувци и утврдиле дека со годините значително се намалуваат три клучни сигнални протеини: DLL1, FLT3-L и IL-7. Овие протеини имаат пресудна улога во претворањето на незрелите клетки во Т-клетки и во одржувањето на нивната функционалност.
Улогата на mRNA технологијата
Во срцето на новиот метод се наоѓа mRNA технологијата, позната на пошироката јавност и преку вакцините. Во овој случај, mRNA служи како упатство за клетките да ги произведуваат токму овие клучни протеини. Наместо тие да се создаваат во ослабениот тимус, научниците ја „програмирале“ црниот дроб привремено да ги произведува.
Црниот дроб е избран бидејќи има огромен капацитет за производство на протеини, дури и во подоцнежна возраст. Дополнително, преку него минува крвта од дигестивниот систем, што овозможува брзо ширење на сигналите низ целото тело. Терапијата била администрирана со повеќекратни mRNA инјекции во период од четири недели.
Охрабрувачки резултати
Резултатите биле исклучително позитивни. Кај постарите глувци и стаорци било забележано значително зголемување на бројот и разновидноста на Т-клетките. Имунолошкиот систем подобро реагирал на вакцинација, а животните покажале и зголемена способност за борба против туморски клетки – јасен знак за „подмладен“ имунитет.
Како што објаснил еден од водечките автори на студијата, невронаучникот Фенг Жанг од MIT, пристапот е по својата природа синтетички, наместо обнова на органот, телото се поттикнува да ја имитира сигналната улога на тимусот.
Предности и ограничувања
Важно е да се истакне дека стимулацијата на Т-клетките преку црниот дроб е привремена, што всушност се смета за една од најголемите предности. Така се намалува ризикот од прекумерна активација на имунолошкиот систем, која може да доведе до хронични воспаленија или автоимуни реакции. Терапијата може прецизно да се дозира и, доколку е потребно, да се повторува.
Иако резултатите се ветувачки, научниците предупредуваат дека ова е сè уште рана фаза на истражување. Методот не е тестиран кај луѓе, а претходни обиди за подмладување на Т-клеточната продукција често биле проследени со несакани ефекти. Сепак, податоците укажуваат дека овој пристап би можел да биде побезбедна и поефикасна алтернатива.
Во наредните фази, истражувачите планираат тестирање на методата кај други животински видови, проучување на дополнителни сигнални протеини и проширување на ефектите врз други делови од имунолошкиот систем. Доколку резултатите се потврдат и во клинички испитувања кај луѓе, ова откритие би можело да означи почеток на нова ера во медицината, ера во која стареењето на имунолошкиот систем нема да се смета за неизбежно, туку за состојба што може контролирано да се ублажи, со цел подолг и поздрав живот.
