Истражувачи од Универзитетот во Гетинген, Германија, открија траги од редок метал сличен на златото – рутениум – во лавата на Хавајските Острови. Овие наоди, објавени во реномираното научно списание Nature, укажуваат на тоа дека одредени благородни метали кои денес се наоѓаат на површината на Земјата можеби потекнуваат токму од нејзиното јадро.
Студијата се фокусира на рутениумот, редок метал поврзан со златото и платината. Научниците откриле суптилна варијација кај еден негов изотоп – 100Ru – кој во поголема мера е застапен во металното јадро на Земјата отколку во нејзиниот надворешен, каменест слој.
Како што пренесува „Greek Reporter“, ваква мала разлика досега никогаш не била забележана. Претходната технологија не можела да ги разликува речиси идентичните изотопи. Но, благодарение на новите методи што ги развил тимот од Гетинген, денес е можно прецизно да се утврдат овие мали разлики.
Со оваа техника, научниците откриле необично висок сигнал од изотопот 100Ru во лавата на Хаваите – што може да укаже на досега непозната врска помеѓу јадрото на Земјата и нејзината површина.