Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Сите сме во кругот“ во организација на АРНО денеска беше промовиран во средното угостителско училиште СУГС „Лазар Танев“. Натпреварот, кој се спроведува во рамки на проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“, е отворен до 5 декември, а право на учество имаат сите жители од Скопски плански регион со наполнети 18 години.
Согласно правилата на натпреварот продуктите од кои ќе се прават ѓевреците треба да се тежнее да се од локално потекло, а победникот ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) како се подготвува рецептот. За него е предвидена награда во вредност од 200 евра за пишаниот победнички рецепт, и надомест во вредност од 200 евра за одржаните обуки за учениците.
„Веруваме дека скопјани се креативни, и ова е нашиот прв гриз подлабоко во зелено социјално претприемништво. Има голема симболика зошто токму ѓеврек. За сега сакаме да пренесеме дека сите сме во кругот. Треба да се гордееме со традицијата, но мора и да иновираме. Мора да купуваме локално, да јадеме локално, да мислиме на животната средина, и да мислиме на нашата иднина. Во периодот кој следи АРНО планира да донесе една нова економска теорија, но за тоа, одиме залак по залак. За почеток, ајде да измислиме ѓевречиња со нови вкусови“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.
Директор на СУГС „Лазар Танев“ Небојша Вуковиќ порача дека денеска се официјализира повторната соработка на училиштето со АРНО, која трае 10 години.
-Искрено се надевам дека овој проект ќе биде успешен, затоа што се занимава со една традиција, а се обидува да иновира. Се може да се смени. Ајде да видиме колку ќе бидеме креативни, изјави Вуковиќ.
Ученикот-готвач Никола Марковски (15г) ги повика сите „да си поиграат со тестото“.
„Иако јас сум ученик и ќе бидам дипломиран готвач сакам да ги повикам сите да поиграат со тесто и да смислат нешто ново. Нашата земја има многу продукти. Може место сусам да се стави сончоглед, или намаз од сирење, или свеж зеленчук. Да се готви значи да се биде креативен“, изјави Марковски.
Проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ е инспириран од потребите да се подобри имиџот на стручното образование, да се охрабрат младите готвачи и пекари за кариерен развој и да се подготви терен за ново социјално претпријатие.
„Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ е иницијатива на АРНО, која се имплементира во соработка со СУГС „Лазар Танев“- Скопје што се спроведува со поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Младите – агенти на променa“ кој го спроведуваат Центар за Интеркултурен Дијалог, Сојуз на извидници на Македонија и Центар за истражувања и анализи НОВУС.
Проектот се фокусира кон подобрување на вештините и знаењата на учениците од СУГС „Лазар Танев“ преку презентирање на концептот на социјално претприемништво, подигање на свеста за социјално претприемништво, неформално образование, мотивирање на учениците за кариерен развој, промовирање успешни приказни од кулинарски социјални бизниси, и сето ова со ГОЛЕМ акцент на еко-практики во овие области.
Извор: mia.mk