Потребно е секоја активност во воздушниот простор на Косово да се спроведува во соодветна координација со мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, со цел да се спречат тензиите и да се гарантира безбедноста, изјави неименуван функционер на Алијансата за Радио Слободна Европа (РСЕ).
На 8 октомври, косовските власти објавија дека добиле илјадници борбени беспилотни летала од Турција, што предизвика остри реакции од Србија.
Претставникот на НАТО ја пофали Турција како долгогодишен придонесувач во мисијата КФОР и регионалната стабилност.
Сепак, тој не сакаше да одговори на прашањето под кои околности на Косово може да му биде дозволено да ги користи овие беспилотни летала, со оглед на тоа што само мисијата на НАТО има надлежност над нејзиниот воздушен простор.
„КФОР редовно го следи воздушниот простор на Косово, користејќи ги сите средства и ресурси што му се на располагање, во согласност со своите овластувања и мандат според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година“, изјави официјален претставник на НАТО.
Тој нагласи дека КФОР е „тесно вклучен во ова важно прашање“ и е во близок контакт со косовските безбедносни организации и српските вооружени сили.
КФОР е исто така третото ниво на одговор на безбедносните прашања во Косово – по косовската полиција и мисијата ЕУЛЕКС.
Мисијата на НАТО, меѓу другото, е одговорна за безбедноста по должината на граничната линија меѓу Косово и Србија.
Мисијата КФОР моментално брои 4.649 членови од 33 земји.