Трамп повторно отвори фронт кон НАТО со обвинувања дека европските сојузници не стојат зад САД во клучен безбедносен момент, со што алијансата ја турна во нова рунда тензии и неизвесност. Од другата страна, НАТО се обидува да испрати порака на стабилност и единство, но зад официјалните уверувања дека алијансата останува силна сè појасно се гледа колку довербата меѓу Вашингтон и европските партнери е разнишана.
Трамп ја турка довербата на алијансата во криза
„Хартиен тигар“. „Кукавици“. Така Трамп го опиша НАТО додека се справува со последиците од својата воена ескалација со Иран, насочувајќи го гневот не само кон Техеран, туку и кон сопствените сојузници.
„Никогаш не сметав на НАТО. Секогаш знаев дека се хартиен тигар“, изјави Трамп за британскиот весник „Телеграф“, алудирајќи дека сериозно размислува и за можноста САД да се повлечат од алијансата.
Неговиот напад врз НАТО, кој вклучува и обвинувања дека сојузниците се „кукавици“ затоа што не застанале зад Вашингтон во конфликтот со Иран, отвори нова, можеби и најтешка криза за 77-годишната алијанса откако Трамп повторно се врати во Белата куќа во јануари.
Ова не е прв судир меѓу Трамп и НАТО. Во изминатите месеци тој ја потресе алијансата со закани дека би можел да го преземе Гренланд од Данска, со повторени пораки дека САД нема да ги бранат сојузниците ако не издвојуваат повеќе за одбрана, како и со најави дека Вашингтон може да повлече трупи од Европа. На тоа се надоврза и дистанцирањето од поддршката за Украина во нејзината војна со Русија.
Иако претходните судири некако се смирија, меѓу европските сојузници сега расте стравот дека штетата овој пат ќе биде многу потешко поправлива.
„Секој ден се влошува“, изјавил за АФП еден европски дипломат во НАТО, под услов да остане анонимен.
Дополнителна загриженост предизвикува тоа што критиките овојпат не доаѓаат само од Трамп. Државниот секретар Марко Рубио во вторникот порача дека Соединетите Американски Држави „ќе мора да го преиспитаат“ својот однос со НАТО, откако неколку европски земји го ограничија користењето на нивните воени бази од страна на американската армија.
„Кога треба да ги користиме нивните воени бази, тие велат ‘не’? Тогаш зошто сме во НАТО? Тоа е прашањето“, изјави Рубио за „Фокс њуз“.
Според поранешниот американски амбасадор во НАТО, Иво Далдер, овој судир не е само уште едно несогласување меѓу Вашингтон и Европа, туку удар врз самата доверба што ја држи алијансата на окуп.
„Изминатите две недели ги доведоа односите меѓу претседателот и европските сојузници до точка на вриење. Ова е најсериозната криза со која се соочил НАТО“, напиша Далдер, кој беше амбасадор за време на администрацијата на Барак Обама.
НАТО се обидува да смири, но довербата е разнишана
Во исто време, европските членки делуваат помалку подготвени повторно да попуштаат. По годините обиди да одржат стабилни односи со Трамп, вклучително и со ветувања за повисоки трошоци за одбрана, дел од сојузниците сега се повнимателни кога станува збор за Иран. Бидејќи Трамп не ги консултирал пред почетокот на војната, во Европа има малку расположение да се преземе дел од товарот за последиците.
Сепак, не сите веруваат дека кризата ќе ја скрши алијансата. Британскиот премиер Кир Стармер порача дека НАТО останува клучен столб на безбедноста.
„Алијансата нè чуваше безбедни со децении и ние сме целосно посветени на НАТО“, рече Стармер.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој важи за еден од ретките европски лидери што успева да одржи работен однос со Трамп, исто така се обиде да ја намали тензијата. Тој ги поздрави потезите на Трамп кон Иран и оцени дека американскиот притисок всушност ги натерал европските земји повеќе да инвестираат во одбраната.
„НАТО е посилен денес од кога било“, рече Руте минатата недела.
Но, вистинскиот тест допрва следува. Самитот на НАТО во Анкара во јули ќе биде првата голема средба меѓу Трамп и другите 31 лидер на алијансата во услови на отворен раздор. Дел од дипломатите се надеваат дека до тогаш тензиите ќе се намалат.
„Единствената добра вест е што има време. Три или четири месеци се долго време кога станува збор за Трамп“, вели дипломат од НАТО.
И ако овој спор до тогаш се смири, во самата алијанса веќе има чувство дека следните години ќе бидат сè освен мирни.
„Не би рекол дека НАТО е во трајна криза, туку повеќе како на ролеркостер во следните три години“, рече Џон Дени од Атлантскиот совет.
Во меѓувреме, во Европа сè погласно се зборува дека континентот мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, без разлика на тоа како ќе се движат односите со Вашингтон.
„Сакаме да ја зајакнеме европската одбрана во рамките на алијансата. Тоа создава сигурност и доверба“, рече министерката за француските вооружени сили, Алис Руфо.