НАТО очекува одбранбената потрошувачка на европските земји-членки и Отава да порасне за 15,9 отсто во 2025 година, за да достигне вкупен расход од 559 милијарди долари, по годишното зголемување од 18,6 проценти во 2024 година.
Ова значи дека Европа и Канада ќе продолжат значително да заостануваат зад САД, со очекувана одбранбена потрошувачка од 845 милијарди долари во 2025 година, според податоците на НАТО.
Сепак, конечните бројки за 2025 година сè уште може да се променат, пренесе ДПА.
Одбранбената потрошувачка на Германија за тековната година се проценува на два отсто од националниот бруто домашен производ (БДП) во извештајот на НАТО, иако Берлин се обврза да потроши 2,4 проценти од БДП.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во јуни објави дека сите земји-членки освен Исланд, планираат да потрошат најмалку два отсто од БДП на одбрана оваа година.
Ова значеше дека сојузниците на НАТО ја постигнаа својата цел од два отсто за 2024 година, која првично беше договорена во 2014 година, со една година доцнење.
Исто така во јуни, земјите на НАТО се согласија под притисок од американскиот претседател Доналд Трамп дека во иднина најмалку 3,5 проценти од БДП ќе се инвестираат во одбрана.
Покрај тоа, уште 1,5 проценти треба да се потрошат на расходи поврзани со одбраната, како што е инфраструктурата, за да се постигне вкупна квота од пет отсто од БДП.