NATO ја започна новата мисија под назив Arctic Sentry (Арктички стражар) со цел да ја зајакне присутноста и безбедноста во Арктикот и на Далечниот север, соопшти денес, 11 февруари, НАТО од Командата за операции (ACO).
Што опфаќа мисијата „Арктички стражар“:
Пред се координација на постоечките воени вежби на НАТО во Арктикот, јакнење на надзорот и проценката на безбедносните ризици, подобра логистичка соработка помеѓу членовите, подготовка за брза реакција во случај на криза и следење на активностите на Русија и Кина во регионот
Мисијата е дел од поширок план на Сојузот за одговор на растечките геополитички предизвици, вклучувајќи ја зголемената активност на Русија и интересот на Кина во ова стратегиски важно подрачје.
Нова фаза на НАТО ангажманот во Арктикот
Arctic Sentry ќе ги координира веќе постоечките воени вежби и активности на сојузничките земји во Арктикот, кои сега ќе дејствуваат под единствен НАТО команден систем. Тоа вклучува, меѓу другото, данската вежба Arctic Endurance и норвешката вежба Cold Response.
Секретарот генерал на НАТО, Mark Rutte, изјави дека мисијата нема да вклучува постојано распоредување на трупи, туку ќе обедини различни активности на Сојузот, овозможувајќи подобра проценка и пополнување на безбедносните празнини во регионот.
„Arctic Sentry ја нагласува посветеноста на Сојузот да ги заштити своите членки и да ја одржи стабилноста во еден од најважните и најпредизвикувачки региони во светот“, изјави генерал Alexus G. Grynkewich, врховен командант на НАТО сили во Европа.
Одговор на геополитички тензии
Покренувањето на мисијата следува по состанокот на претседателот Donald Trump и секретарот генерал на НАТО, Mark Rutte, на Светскиот економски форум во Давос, каде беше истакнато дека Сојузот мора да превземе поголема одговорност за одбраната на Арктикот, имајќи го предвид особено руските и кинеските амбиции.
Овој чекор доаѓа во контекст на тензии предизвикани од порано изјави на Трамп и закани во врска со Гренланд, автономна територија на Данска, што дополнително ја истакна важноста на колективната безбедност и координација помеѓу членовите.
Поширока стратегиска улога и идни чекори
Иако Arctic Sentry моментално не претставува формална постојана операција со голем број трупи, таа симболизира промена во пристапот на НАТО кон Арктикот — од дисперзирани национални активности до обединета стратегија. Членките на НАТО, вклучувајќи ја Велика Британија, Франција, Германија и Данска, најавија учество преку различни аспекти на мисијата.
Сојузот планира преку оваа мисија да ги мапира безбедносните предизвици во регионот и да овозможи брза реакција на потенцијални закани. Arctic Sentry се смета за клучен елемент во одржување стабилноста и превентивно делување во Арктикот, подрачје што станува сè поважно поради климатските промени, отворањето нови поморски рути и геополитичките интереси.
Интересот на Доналд Трамп за Гренланд првпат привлече внимание во 2019 година, кога предложи можност за купување на оваа автономна територија на Данска, предизвикувајќи дипломатски тензии. Гренланд има големо геостратешко значење поради својата локација, американските воени бази и потенцијалните резерви на ретки минерали. Во новиот мандат, Трамп повторно нагласи важноста на американското присуство во Арктикот, но по средбата со Rutte ја ублажи реториката, истакнувајќи дека безбедносните прашања се решаваат преку НАТО рамка.
