Војната во Израел и Газа
На 7 октомври, стотици вооружени напаѓачи на Хамас преминаа преку границата од Газа, убивајќи околу 1.200 луѓе, главно цивили, и земајќи околу 240 заложници во најлошиот напад во историјата на Израел, трауматизирајќи ја земјата и зашеметувајќи го светот.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе го „уништи“ Хамас и оттогаш Израел започнува со воздушни бомбардирања проследени со копнена офанзива што ги претвора во урнатини цели населби на густо населената палестинска територија.
Како што расте уништувањето и бројот на загинати во Газа, расте и меѓународниот притисок врз Израел да ја прекине својата офанзива.
Седум недели по војната, двете страни се согласија на четиридневно примирје. Владата на Газа, управувана од Хамас, проценува дека се убиени околу 13.000 Палестинци, главно цивили, меѓу кои и илјадници деца.
Хамас ослободи 50 жени и деца заложници во замена за 150 палестински затвореници, сите жени и малолетни, што доведе до емотивни обединувања.
На 27 ноември двете страни се согласија да го продолжат примирјето за два дена.
Напорната борба на Украина
Шеснаесет месеци откако Русија го нападна својот сосед, Киев ја започна многу очекуваната контраофанзива откако собра моќно оружје од западно производство и обучи нови регрути.
Кон крајот на ноември, Украина објави дека го завземале левиот брег на реката Днепро, што е нејзин прв голем успех во последните неколку месеци.
Разорни земјотреси
Во раните утрински часови на 6 февруари, еден од најсмртоносните земјотреси досега срамни со земја цели градови во југоисточна Турција, при што загинаа најмалку 56.000 луѓе, а речиси 6.000 загинаа во Сирија.
Две слики го означија разорниот потрес со јачина од 7,8 степени: таткото кој ја држи за рака својата мртва 15-годишна ќерка излегувајќи од под урната зграда во Кахраманмарас, и онаа на новороденото бебе спасено од урнатини додека сè уште е папочно врзано за неговата мртва мајка. Седум месеци подоцна, на 8 септември, Мароко го претрпе најсмртоносниот земјотрес во својата историја, со центар на планините Атлас. Животот го загубија речиси 3.000 луѓе.
Државни удари во Африка
Во 2023 година, Нигер и Габон се најновите земји што соборија избран претседател.
Франција беше принудена да ги повлече својот амбасадор и трупите за борба против тероризмот од Нигер. Oва е трет случај за помалку од две години Франција да доживее повлекување од поранешна африканска колонија.
Во меѓувреме, во август, претседателот на Габон Али Бонго Ондимба, наследник на династијата која владееше 55 години, е сменет по претседателските избори кои армијата и опозицијата ги прогласија за фалсификат.
Холивуд во штрајк
Егзистенцијалниот страв предизвикан од вештачката интелигенција во креативната економија се шири во Холивуд во 2023 година, каде што писателите штрајкуваат и бараат ограничување на употребата на технологијата во филмовите, како и зголемување на платите.
Холивудските актери се приклучија на најголемиот прекин на работа во Тинзелтаун од 1960-тите во јули, велејќи дека е речиси невозможно да се заработи за пристоен живот и стравуваат дека вештачката интелигенција може да се користи за клонирање на нивните гласови .
Штрајкот направи застој во забавната индустрија се одложија стотици популарни емисии и филмови.
Смртоносни пожари
Климатскиот монитор на Европската унија предвиди дека 2023 година ќе биде најжешката година досега. Сушата,влошена од климатските промени беше наведена како еден од неколкуте фактори зад најсмртоносниот шумски пожар во САД кој однесе најмалку 115 животи на хавајскиот остров Мауи во август.
Туристите и жителите, избегаа и од огромните пожари на грчките острови Родос и Крф, но најпогодената земја, во однос на површината зафатена од пожари, беше Канада, со над 18 милиони хектари шума во чад.
Месечината – новата граница
Вселенската трка се повеќе се вжештува во 2023 година, а Индија стана првата нација која успешно слета беспилотно летало на јужниот пол на Месечината во август, само неколку дена откако руско лунарно возило се урна на нејзината површина.
Повеќе од половина век откако американскиот астронаут Нил Армстронг стана првиот човек што зачекори на Месечината, неколку земји водат битка да ги вратат луѓето во небесното тело.
НАСА има за цел мисија со екипаж до 2025 година, Кина до 2030 година и Индија до 2040 година.
Принуден шпански бакнеж
Победата на Шпанија над Англија во финалето на Светското првенство за жени во Сиднеј на
20-ти август предизвика голема радост во земјата.
Но еуфоријата брзо стивна, кога шефот на шпанската репрезентација Луис Рубиалес е фатен како ја бакнува на усните капитенката Џени Хермосо неколку минути по натпреварот – бакнеж за кој таа вели дека подоцна го сфатила како „напад“.
Рубиалес инсистира дека бакнежот бил консензуален, но соочен со огромни реакции од јавноста, тој на крајот поднесува оставка.
Кавказ егзодус
Отцепената република Нагорно-Карабах го завршува својот тридецениски обид за независност во септември, откако беше повторно заземена од Азербејџан во молскавична офанзива што предизвика иселување на етничкото ерменско население.
Жителите на Карабах бегаат во Ерменија, плашејќи се од насилство и не сакајќи да бидат управувани од Азербејџанци кои зборуваат турски, со кои етничките ерменски сепаратисти водеа две војни на територијата од 1990-тите.
Изборните резултати во Аргентина
Во ноември, Аргентина прави пресврт кон десницата со изборот на неконвенционалниот кандидат, Хавиер Милеи. Тој вети дека ќе ја „разнесе“ централната банка, ќе спроведе доларизација во економијата, ќе ги приватизира здравството и образованието и ќе иницира гласање за укинување на законите за абортус.
Економистот и телевизиски експерт, препознаен по неговите отворени критики, ги искористи во своја полза гневот и фрустрациите на јавноста поттикнати од деценискиот економски пад и двоцифрената инфлација. Ова незадоволство е првенствено насочено кон долгогодишната доминација на централно-левичарската коалиција.
Неговиот завет да ја врати Аргентина во нејзиното „златно доба“ во зората на 20 век предизвикува споредби со слоганот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп „Make America Great Again’’