Насмевки на тешкиот пат: Да си жена стенд-ап комичар во Македонија

Да се качиш на сцена само со микрофон, идеја и стравот дали некој ќе се насмее – тоа е џебната дефиниција на храброст. А кога си жена стенд-ап комичар во Македонија, таа дефиниција добива уште неколку слоја: предрасуди, скепса и вечното прашање – „Зошто се нафатив на ова? Што ми требаше?“

Слушаш дека ова е „машка професија“, дека жените не се смешни, дека подобро ти стои нешто „мирно, повлечено, домаќинско“. Но токму затоа сум овде. Сакам да се борам против потиснувањето на жените и закоравениот, ограничен начин на гледање на женскиот глас во нашето општество. И тоа го правам – на сцена, преку смеа.

Стенд-апот кај нас сè уште е млад жанр, а жените во него – речиси егзотика. Не поради недостаток на талент, туку поради тоа што општеството уште не научило да прифати дека жените може да бидат гласни, саркастични, без влакна на јазикот и, замисли, смешни.

Ги паметам почетоците, се качувам на сцена и првите погледи се обично: “Аха, оваа ќе збори нешто за мажите.” Или уште полошо: “Што може една жена да каже што не сме слушнале досега?”

Првата реакција често е изненадување. Како да не се очекува од жена да ја поседува таа храброст да зборува јавно, директно, и притоа да ја натера публиката да се насмее – дури и кога зборува за нешта што болат. Но токму таму е моќта на стенд-апот: во искреноста што го крши мразот меѓу тебе и публиката. Кога ќе го пробиеш тој мраз, кога ќе ги натераш да се насмеат и на своја сметка, и на сопствените комплекси – тогаш си победила.

А публиката овде не простува лесно. Не си на Netflix. Ова е Македонија. Луѓето имаат дневна борба со животот, со сметките, со бирократијата, со секојдневниот притисок. Тешко ќе ти дадат 60 минути од нивниот живот – освен ако не им дадеш нешто искрено за возврат. Но ако успееш – ако навистина ги натераш да се смеат – аплаузот е искрен, длабок и човечки. Не е само признание дека си била добра, туку дека си допрела нешто во нив. А тоа е чувство што ништо друго не може да го замени.

Да се биде жена во стенд-апот овде значи да бидеш автор, уметник, уредник, менаџер, и често и психотерапевт – на самата себе. Но иако патот е стрмен, аплаузот не е само звук. Тој е потврда. Потврда дека сме тука, дека сме гласни, дека имаме што да кажеме – и дека луѓето конечно почнуваат да слушаат.

Сакав да ги насмеам луѓето. Не за слава, не за слика на билборд. Туку затоа што знам што значи да ти треба смеа во тежок ден. Смеата е лек. Таа е терапија. И за нив, и за мене. Сакав преку хумор да ги приближам тие мали, често невидливи моменти што сите ги живееме – и да ги претворам во нешто што ќе нè обедини.

Оваа професија за мене не е само работа – таа е мисија. Мој начин да го преживеам животот, и мој начин да им помогнам на другите да го направат истото – со насмевка.

А комичарките не се нова појава. Првите жени во стенд-апот се појавиле уште кон крајот на 19. век, како May Irwin, а подоцна и легендарната Fanny Brice. Во 1950-тите, Phyllis Diller ја проби сцената со брутална искреност и хумор, отворајќи простор за Joan Rivers, Whoopi Goldberg, Ellen DeGeneres и денес – Ali Wong, Hannah Gadsby и многу други што го редефинираат хуморот. Тоа се жени кои не молчат – туку зборуваат гласно, со сатира, болка и смеа – и нè тераат да се смееме додека слушаме.

А улогата на еден стенд-ап комичар? Не е само да кажува вицеви. Тој е глас на времето. Комичарот е огледало – често искривено, но искрено. Тој е оној што ја кажува вистината, ама така што ќе ја издржиш. Комичарот е тој што зборува гласно за она што сите тивко го мислат.

Стенд-апот е мојата слобода. Мојата моќ. Мојата вистина, а вистината е секогаш најсмешна, иако понекогаш може дури да е тажна и тешка.

📣 И затоа – ако сакате да ја чуете вистината во живо, и ако ви треба смеа што лечи – ве поканувам на мојот нов стенд-ап настап!
 📅 11 мај (сабота), по три распродадени настапи, по четврти пат се собираме на гласно смеење – во Јавна Соба – Скопје, со почеток во 21:00 часот.
 🎟️ Картите се достапни на 👉 zlatenzab.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни