Згради и куќи од габи – сами ќе се поправаат доколку се оштетат

Се отвора нов архитектонски центар вреден 4,6 милиони фунти со изложба која покажува како наскоро би можеле да одгледуваме згради од габи и други иновативни начини за намалување на влијанието на градовите врз животната средина.

Центарот Фарел, основан и делумно финансиран од архитектот Сер Тери Фарел, се отвори вчера во Њукасл. На изложбата беа претставени четири архитектонски студија кои нудат визии за правење поодржливи згради.

Тие вклучуваат структура израсната од мицелиум, коренската мрежа на габата.

Мицелиумот е одгледан во форма на плетена крошна направена од пилевина и отпад од хартија, создавајќи силни, лесни, самопоправливи и целосно компостирани ѕидови.

Тоа е „во целосна спротивност со тоа како се градат повеќето згради, што обично вклучува многу бетон, челик и стакло“, рече директорот на Центарот Фарел, Овен Хопкинс.

Според Обединетите Нации, зградите и градежништвото сочинуваат 40% од глобалните емисии на јаглерод диоксид.

Новиот центар е дел од Универзитетот во Њукасл, чии истражувачи ја „израснаа“ изложбата

Мицелиумот сè уште не е во фаза кога може да се користи во вистински згради – но тоа не е далеку, изјави Хопкинс за Би-Би-Си.

„Мислам дека нема да помине премногу долго пред да стане материјал кој се смета за остварлив во поконвенционалните форми на градба. Една од работите што е предност е што е самопоправлив. Ако се развие пукнатина или треба да има повеќе структурно засилување, може да се одгледува на самото место. Значи, нуди некои навистина фасцинантни можности, но и целосно го дестабилизира тој поим за архитектура како нешто што е завршено и поправено“ вели Хопкинс.

Други делови од изложбата „Повеќе со помалку“ нудат идеи за нови начини за користење на изолацијата и решенија за да ги направат постојните згради поеколошки со користење на вообичаени и евтини материјали.

„Архитектурата и планирањето, иако се признава дека се дел од проблемот на многу начини, всушност имаат потенцијал да бидат навистина моќен дел од решението“, рече Хопкинс.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни