Наскоро започнува судењето на Мариус Борг Хојби, син на норвешката крунска принцеза Мете-Марит, кое се смета за едно од најголемите и најчувствителни судски процеси во Норвешка во последните години. Кога 29-годишниот Хојби во вторник ќе седне на обвинителната клупа во судот во Осло, нема да ја има моралната поддршка од најблиските членови на своето семејство.
Неговата мајка, крунската принцеза Мете-Марит, нема да присуствува на судењето, ниту нејзиниот сопруг и норвешки престолонаследник, крунскиот принц Хокон, кој го одгледувал Хојби уште од неговата четврта година. Иако кралската палата нагласува дека Хојби формално не е член на кралското семејство, процесот поради тешките обвиненија, вклучително и повеќекратни силувања ја стави норвешката монархија во центарот на несакано меѓународно внимание, пишува BBC.
Обвиненија и статус во кралското семејство
Хојби се соочува со 38 точки од обвинението, меѓу кои се силување на четири жени, физички напад и закани кон поранешна девојка, уништување имот, како и кривични дела поврзани со дрога и сообраќајни прекршоци. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор подолга од 10 години. Судот забрани фотографирање на обвинетиот во текот на седумте недели колку што се очекува да трае судењето.
Иако палатата инсистира дека Хојби не е јавна личност, тој со години се смета за близок член на семејството. Крунскиот принц Хокон го третира како син, а кралот Харалд V го познава речиси целиот свој живот како внук. Новинарката Тове Талесен од порталот Nettavisen смета дека уште во 2001 година не била јасно дефинирана неговата улога во семејството, што подоцна создало конфузна позиција – дел од семејството, но без формален статус.
„Најголемиот скандал во историјата на монархијата“
„Ова е исклучително опасен момент, бидејќи кралското семејство треба да биде пример“, вели новинарот Улф Андре Андерсен, кој прв ја објави приказната во август 2024 година, по полициска интервенција во стан во Осло поради пријава за насилен инцидент.
Никлас Кокинин-Торесен, главен уредник на списанието Se og Hør, додава дека ова е „најголемиот скандал со кој норвешката кралска фамилија некогаш се соочила“.
Детали од обвинението
Хојби признал дел од полесните кривични дела, како физичко насилство и уништување имот, но неговиот адвокат Петар Секулиќ изјави дека не ја признава вината за поголемиот дел од обвиненијата, особено оние поврзани со сексуално насилство.
Четирите обвиненија за силување се однесуваат на периодот од 2018 до ноември 2024 година. Едно од наводните силувања се случило во официјалната резиденција на неговите родители на имотот Скаугум. Во еден случај од 2023 година се наведува дека имал сексуален однос со жена додека таа спиела, додека другите случаи се однесуваат на напади врз жени кои биле неспособни да пружат отпор – што според норвешкиот закон исто така се третира како силување.
Единствената жртва што смее да биде именувана е поранешната девојка и инфлуенсерка Нора Хаукланд, која тврди дека била удирана, клоцана и гушена.
Реакција на кралското семејство и поширок контекст
Крунскиот принц Хокон, видливо потресен, изјави дека семејството го сака Хојби, но истовремено изрази сочувство кон жртвите. Кралот Харалд и кралицата Соња, исто така, нема да присуствуваат на судењето, додека принцезата Мете-Марит се соочува со сериозна здравствена состојба и се подготвува за трансплантација на бели дробови.
Судењето се одвива во период кога норвешката монархија се соочува и со други контроверзии, но и покрај тоа, според истражување на агенцијата Norstat, таа и натаму ужива поддршка од 73 проценти од јавноста.
