Наскоро лековите ќе се „печатат“ по мера на пациентите

Таблети печатени со 3Д, приспособени на индивидуалните потреби на пациентите досега не беше изводливо, сепак, истражувачите од Универзитетскиот клинички центар Епендорф во Хамбург работат да го променат тоа и им успева.

Три години, тим на истражувачи од Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф (УКЕ) работеше на проектот, со кој 3д печатењето лекови станува реалност. Со помош на специјален 3Д печатач сега можат да произведуваат лекови по мерка на пациентот – во индивидуално прилагодени дози.

Како што објаснува лидерот на истражувачката група Клаудија Лангебрејк, снабдувањето со лекови во педијатријата, особено за тешко болните деца, не е секогаш едноставно. Заедно со нејзините колеги, таа разви иновативна процедура:


„Го правиме ова затоа што имаме посебни пациенти. Оваа студија се фокусира на лекови за деца. Сите знаеме дека многу лекови се горчливи и премногу големи за да се проголтаат, а децата често не можат да ги земаат.“

Целта на истражувањето, кое Лангебрејк го спроведува заедно со фармацевтот Адрин Дадка, е да им олесни на тешко болните деца да ги земаат лековите.

Во оваа пионерска студија во Германија, болничките фармацевти печатат дексаметазон, лек кој се користи кај деца болни од рак. Овој лек им помага на младите пациенти кои се подложени на интензивна хемотерапија, намалувајќи ја мачнината и дозволувајќи им да ја задржат храната во нивните тела. Без овој лек, децата би можеле да изгубат премногу тежина за време на третманот.

Студијата, која сега започна и ќе трае до крајот на 2026 година, ги следи децата низ два циклуса на третман: во првиот добиваат стандардни таблети, а во вториот индивидуално печатени таблети за џвакање.

Целта е да се тестира колку таблетите се прифатливи за пациентите и колку се безбедни за терапија, нагласува Клаудија Лангебрејк.

Стандардните таблети, вклучително и дексаметазон, обично се достапни во дози наменети за возрасни, но не и за деца.

За да се обезбеди правилна доза за деца, таблетите мора да се сечат, поделат или прецизно да се мерат. Ова е голем проблем за родителите, објаснува педијатрискиот онколог Александар фон Хуго, кој го води истражувањето на Универзитетот во Хамбург.

„Речиси секој ден морам да разговарам со родителите за прецизно дозирање на лековите.“

Покрај проблемите со дозирањето, многу лекови се горчливи или премногу големи за да се проголтаат, дури и за тинејџери. Поединечно приспособените таблети од 3D печатачи би можеле да го решат и тој проблем.

Фармацевтот Адрин Дадка го демонстрира процесот. Голем пластичен шприц е исполнет со црвена маса која содржи дексаметазон и помошни супстанции, кои овозможуваат рамномерна дистрибуција на активната супстанција и ја даваат саканата густина или структура на таблетата. Оваа мешавина, наречена „мастило за печатење“, има цврста конзистентност на собна температура – како гумени бонбони. Кога смесата се загрева во главата на 3D печатачот, таа се топи и може прецизно да се нанесува слој по слој.

Ова создава тридимензионални таблети – во форма на срце, ѕвезда или класични тркалезни таблети. Финалниот производ е малку помек од гумени бонбони, но не е мрсен и лесен е за џвакање. Таблетите се со црвена боја и имаат мирис на малина. Затоа им се попривлечни на децата.

Педијатрискиот онколог Александар фон Хуго смета дека проектот е револуционерен.

„Доколку овој пристап продолжи да функционира, тоа ќе промени многу работи во педијатријата.“

Оваа технологија нема да биде ограничена само на педијатрија. Доколку се покаже како успешна, може да се примени и во други области од медицината. На пример, пациентите со Паркинсонова болест или деменција често имаат проблеми со голтањето лекови. Поединечно печатените таблети би можеле да ја олеснат нивната терапија и да го подобрат нивниот квалитет на живот.

Лековите печатени со 3Д би можеле да станат нов стандард во медицината во иднина. Овој иновативен пристап не само што ја олеснува терапијата за сериозно болните пациенти, туку и ги приспособува лековите на индивидуалните потреби. Доколку студијата биде успешно завршена во 2026 година, персонализираната медицина би можела да доживее вистинска револуција, правејќи ги терапите поефикасни и полесни за пациентите од сите возрасти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни