Израел се подготвува да го отвори преминот Рафа „во наредните денови“ за да им овозможи на жителите на Газа да преминат во Египет, како дел од договорот за прекин на огнот со Хамас. Сепак, кревкото примирје е загрозено откако беше утврдено дека делумните останки предадени оваа недела не им припаѓаат на двајцата заложници киднапирани во 2023 година, пишува Скај њуз .
Иако точниот термин на отворањето на границата сè уште не е објавен, се очекува да се овозможи движење на луѓе за медицински и патни цели, што Израел го претставува како знак за напредок во спроведувањето на договорот. Израелската служба за координација на владини активности на териториите (COGAT) соопшти дека договорот, кој има израелска безбедносна дозвола, ќе биде координиран со Египет под надзор на мисија на Европската Унија, слично на механизмот што функционираше во јануари 2025 година.
„Во согласност со договорот за прекин на огнот и директивата на политичкиот ешалон, преминот Рафа ќе биде отворен во наредните денови исклучиво за излез на жителите од Појасот Газа во Египет“, се вели во соопштението на КОГАТ
Не беше прецизирано дали ќе има ограничувања за тоа кој може да ја напушти Газа, но беше наведено дека ќе биде потребна „израелска безбедносна дозвола“.
Анонимен израелски функционер за Асошиејтед Прес изјави дека на сите Палестинци ќе им биде дозволено да излезат преку Рафа, под услов Египет да се согласи да ги прифати. Изворот додаде дека Европската Унија сè уште треба да реши некои логистички прашања пред самото отворање.
Отворањето на преминот е клучен дел од договорот, кој предвидува медицински евакуации и патување во и надвор од Газа. Според Светската здравствена организација, повеќе од 16.500 болни и ранети лица треба да го напуштат Појасот Газа за лекување.
Рафа е единствениот премин во Газа кој не е под директна израелска контрола. Со него управува Египет според договор со Израел и Европската Унија. Преминот честопати бил затворен подолг период во текот на годините, па дури и кога е отворен, постои ризик од ненадејно затворање без претходна најава
