На големата сцена на Националната опера и балет ќе се одржи премиера на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Премиерното издание ќе се случи на 25 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот, додека пак втората изведба на оперетата е закажана за 28 октомври, 20.00 ч.
„Оперетата „Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија“, информираат од Национата опера и балет.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимагловски/Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска/Соња Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.