Во семејството Џорлеви, музиката никогаш не била обврска, туку простор на слобода. За Наско и Мартин, таа е истовремено природно наследство и личен избор – нешто што се живее, а не се докажува. Едниот творец по внатрешна потреба, другиот педагог и автор што емоциите ги претвора во звук, двајцата се движат по различни патеки изградени од ист материјал: искреност, љубов и одговорност кон сцената.
Во разговор за Трн, браќата Џорлеви зборуваат за растењето со музика без притисок, за разликите и сличностите во нивните уметнички светови, за алтернативната сцена во Македонија која расте без поддршка, и за чувството на одговорност – кон помладите, кон културата и кон просторот што го нарекуваат дом.
Трн: Музиката е дел од вашиот живот. Дали чувствувавте дека патот кон музиката ви е природно зададен, или свесно го избравте како сопствен повик?
Наско&Мартин: Со тоа што сме опкружени со музика од кога паметиме за себе, свесно или несвесно тој пат не има одбрано нас. Никогаш нѐ сме биле принудени против сопствената желба да учиме музика, баш напротив, уште од мали нашите родители ни имаат овозможено да учиме нешто што вистински го сакаме. Така што, може да се каже дека ни е природно зададен и сопствен повик во исто време, секогаш изборот бил наш.
Трн: Како денес изгледа вашата индивидуална музичка приказна? Со кои аспекти од музиката се занимава Наско, а со кои Мартин – и како би се претставиле себеси како уметници ?
Мартин: Јас генерално се занимавам со творење, ретко нешто друго. Тоа највеќе ме исполнува и ми помага да останам (делумно) читав во секојдневието. Имам доста музика зад мене и (здрав и жив) некако чувствувам дека ќе има и уште во иднина.

Наско: Сега со истата љубов како кога учев, го пренесувам моето знаење на следни генерации како наставник по гитара, а емоциите ги истурам преку авторска музика. Како уметник, уметноста од било која сфера за мене претставува еден одраз на искрените мечти, емоции и идеали на творецот.

Трн: Колку се поклопуваат, а колку се разликуваат вашите музички светови? Дали имате сличен музички вкус и израз, или секој од вас гради сопствен стил?

Наско&Мартин: Сега кога чекориме еден до друг ја наоѓамe сличноста во различноста, па и обратно. Нашите патишта не се исти, но се изградени од скоро истиот материјал. Концептот на размислување ни има заеднички темели, делиме исти пасии, но и доволно различни за исходот да биде различен, иако ние си знаеме дека доаѓа од истиот извор.
Трн: Дали досега сте соработувале на заеднички проект или можеби таков допрва доаѓа?
Наско&Мартин: Имаме свирено многу пати заедно, но за жал немаме нешто заедничко направено. Во план е од далечно минато, надежно за во блиска иднина.
Трн: На кои музички проекти или моменти сте најгорди досега? Што би издвоиле како пресвртница или како работа во која најмногу се препознавате себеси?
Мартин: Како проекти-пресвртници во мојот живот би ги издвоил Луфтанза, Стој, после!, (точка) ком и Животни. Во тие четири проекти сум се дал целосно, емотивно и физички, во нив се гледа кој сум јас.
Наско: Покрај сите бендови и проекти е тешко да се издвои, бидејќи во сите имам различна улога, затоа сум горд и среќен што имам свој удел во сите. Но, веќе како повозрасен, при срце ми се „Reduced To Ashes“, мојот соло проект „Nasko“ и „Peach Vice“, тука вистински се пронајдов.
Трн: Како ја гледате македонската музичка сцена денес? Што ѝ недостига, а што сметате дека веќе го има – но не е доволно препознаено или поддржано?
Наско&Мартин: Може да се каже дека во последниве неколку години се случува еден пресврт на алтернативната сцена како што одамна се нема случено. Има многу нови одлични бендови, има нова и млада публика желна за искрена сцена, но за жал има се помалце места за настапи во Скопје. За среќа на нивната желба и тоа не е пречка! Додека пак за медиумската покриеност е сеуште истата тажна песна. Се промовира евтината музика, ниските стандарди и жолтата штампа, додека младите артисти цутат со сопствена сила.
Трн: Колку е тешко да се остане доследен и позитивен глас на сцената? Дали чувствувате притисок, одговорност или изолација кога си дел од мал број артисти кои се обидуваат да градат поинаков, искрен пристап кон музиката?
Наско: Притисокот е тука уште од првото излегување на сцената затоа што секој има различен слух и став, не секој би го препознал гласот на искреноста. Не има се повеќе, за тоа сум горд. Со самата искреност и нескротливост покажуваме достоен и горд став, нешто за кое вреди да се бориме.
Мартин: Исто така чувствуваме одговорност кон помладите од нас. Да го оставиме нештово почисто, поискрено, посирово и полесно отколку што било кога сме го нашле. Имаме и некоја одговорност кон ова парче земја, покрај сето ѓубре што излегува, да оставиме нешто вистинско, културно. Во искрената, младинска уметничка дејност е културниот прогрес и на никое друго место.


Трн: Каде се гледате во иднина, заедно и поединечно? Дали музиката и понатаму останува ваш најголем приоритет и начин на изразување, или гледате простор и за други креативни патишта?
Наско: Иако музиката ми е примарен начин на изразување, ја негувам и визуелната уметност од секој вид. Цртањето ми е втора љубов (па дури и прва, цртам пред да научам да свирам) заедно покрај другите под-членки на таа сфера. Иднината не знаеме што може да ни донесе, но како и во минатото знам дека секогаш ќе бидеме тука еден за друг.
Мартин: Покрај музиката сакам и да пишувам поезија и проза. Ќе видиме како сѐ тоа ќе испадне. Спремам и нови музички проекти, без тоа би ми било некако тешко. Особено очекувам и нешто заедничко со брат ми. Се спрема долго време, со љубов, па така знам дека ќе ни биде ептен убаво.
