Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство истакнува дека јануари 2026 година, иако сè уште не е завршен, веќе се наметнува како исклучително алармантен период со низа тешки случаи на семејно, партнерско, сексуално и онлајн насилство. Според Мрежата, овие настани јасно покажуваат дека родово-базираното насилство во Северна Македонија не е исклучок, туку длабоко вкоренет, хроничен и системски проблем.
Мрежата укажува дека само во првите две недели од месецот јавноста беше сведок на брутални напади врз жени, сериозни случаи на сексуално насилство врз деца, онлајн експлоатација на малолетници, семејни конфликти што ескалираа во физичко насилство, смртни закани и употреба на оружје во семејните домови. Забележани се и трагични исходи, меѓу кои убиство на мајка од страна на нејзиниот син во Богданци, како и случај во кој жена од Битола им подлегна на повредите откако беше брутално претепана од свој роднина.
Истовремено, како што посочува Националната мрежа, регистрирани се и случаи во кои татко се заканувал со нож на сопругата и ќерките, партнерки биле давени и тешко повредени, жени биле физички нападнати од сопружници, а деца станале жртви на дигитална злоупотреба преку лажни профили и експлицитни содржини.
Според Мрежата, овие настани не претставуваат поединечни инциденти, туку јасен образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите. Насилството, како што се наведува, продолжува да се случува токму во просторите каде што треба да има најмногу безбедност – во семејството, во партнерските односи и во дигиталниот простор, каде што децата и младите се сè поизложени на ризици.
Националната мрежа нагласува дека сите овие случаи се сериозен аларм дека институциите не постапуваат со должно внимание и не обезбедуваат навремена и соодветна заштита. Отсуството на систематски третман и соодветно санкционирање на сторителите, според нив, придонесува насилството да се одржува и да ескалира.
Особено загрижува, како што истакнува Мрежата, фактот што значителен дел од регистрираните случаи директно ги погодуваат децата. Сексуалното насилство врз деца, без разлика дали се случува во физичкиот или во онлајн простор, претставува една од најтешките повреди на човековите права и остава долгорочни последици врз нивното ментално здравје, развој и чувство на безбедност. Овие деца, нагласуваат од Мрежата, не се статистика, туку жртви на систем кој не обезбедува целосна и навремена заштита.
Во таа насока, Националната мрежа укажува и дека Македонија сè уште нема воспоставено функционален и одржлив систем на специјализирани услуги за долгорочен третман на жртви на сексуално насилство, иако тоа е законска обврска од 2021 година. Недостасуваат јавно достапни и стабилно финансирани сервиси за психотерапевтска, психосоцијална, правна и социјална поддршка, поради што жртвите се оставени сами да се справуваат со последиците од насилството.
Дополнително, Мрежата предупредува дека насилството сè почесто се префрла во дигиталниот простор. Онлајн сексуалната експлоатација, злоупотребата на социјалните мрежи, лажните профили и потенцијалната злоупотреба на алатки базирани на вештачка интелигенција создаваат нови ризици кои постојната кривично-правна рамка не ги препознава и не ги санкционира соодветно.
Поради тоа, Националната мрежа истакнува итна потреба од измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кои ќе се препознаат и санкционираат новите форми на дигитално и онлајн родово-базирано насилство и сексуална експлоатација.
Во однос на повторените случаи на партнерско насилство и семејни убиства, Мрежата потенцира дека фемицидот не е ненадеен чин, туку крајна точка на долг процес на толерирано насилство, игнорирање на предупредувачките сигнали и несоодветна проценка на ризикот.
Како Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, тие порачуваат дека се неопходни итни и суштински системски промени: реално спроведување на законите, навремена и ефективна заштита на жртвите, функционални и стабилни специјализирани сервиси за жени и деца и модернизација на кривичното законодавство согласно новите форми на насилство.
Доколку овие промени изостанат, предупредуваат од Мрежата, насилството ќе продолжи да се повторува, а жртвите ќе продолжат да плаќаат со својата безбедност, достоинство и живот.
